LOUIS VUITTON ГО ЛАНСИРА НАЈСКАПИОТ ПАРФЕМ -ТАКА МИРИСА РАЈОТ

06/05/2021

За љубителите на парфеми, нивните познавачи, па и ентузијастите, за оние што уживаат во неодоливите мирисни композиции на Louis Vuitton, француската модна куќа, која истовремено е и компанија за луксузна роба, неодамна го претстави новитетот што сигурно ќе ги воодушеви, а чини 1.070 фунти.

Се работи за „Pur Oud“, најскапиот парфем досега, кој го лансира брендот што веќе 167 години е синоним на луксузот, и кој содржи висока концентрација на исклучително ретка природна состојка, што е достапен за пребирливите и богатите, во лимитирано издание од 2.000 шишенца во спреј, од 100 мл. Како што кажува неговото име, парфемот речиси во целост се состои од есенција на утот, која се смета за вистинско „злато“ во парфимериската индустрија.

Цената на парфемот не е ни малку случајна, ниту, пак, неоправдана. Напротив, таа е резултат на големата реткост и умерената достапност на утот, кој се добива од т.н. пурпурно дрво. Неговото стебло е смолесто, нормално, а во исто време и целосно „проголтано“ од габички, што му дава посебна, дополнителна вредност. Затоа е и познато како една од најскапите природни состојки, суровини во светот, особено важен за производството, изработката на парфеми.

Pur Oud на Louis Vuitton ги содржи сите ќудливи карактеристики на неговата главна суровина, која зазема 10% од формулата на парфемот, во комбинација со два вида мошус – овошен „хелветолид“ и нежен „амбретолид“. Мирисот има дистинктивни, различни дрвенести ноти, едновремено ставајќи акцент и на егзотичните зачини, што го прави да биде своевиден претставник на Блискиот Исток.

Коментирајќи го парфемот, Jacques Cavallier Belletrud (водечкиот „нос“ на брендот Louis Vuitton) изјави: „Сакав да им дадам можност на ентузијастите да го почувствуваат мирисот на вистинскиот ут, кој е редок, без да се менува со дополнителни ноти. Најфините сурови материјали се сами по себе „мирисливи“. Во парфимериската индустрија, најубавите состојки се оние што имаат приказна, интересна за секого. Не можат да се добијат по машински пат, и токму таму се крие нивниот луксуз. Тоа се живи производи“.

Според наводите, новиот парфем наскоро ќе се најде на полиците во дуќаните на Louis Vuitton, дури ќе може и да се точи на лице место. Сега за сега е достапен само на интернет, онлајн. 100 милилитарско шишенце во спреј чини 1.070 фунти.

Во рекламниот напис за Pur Oud стои: „Меѓу светлината и сенките, вистинската, природна убавина на скапоценото дрво… Така мириса рајот… Амблемот на мирисната култура на Блискиот Исток – утот е своевидно патување, само по себе, недвижно бегство низ времето и просторот, суровина со толкава длабочина и толку многу аспекти што се чини дека се содржи без остаток. Дрвенестите ноти, ‘длабоки’ како вечноста, доминираат над анималистичките, зачинетите и аспектите на амберот. За да ја велича суровата убавина на природното чудо, Jacques Cavallier Belletrud се осмели да заземе радикален став, компонирајќи мирис на апсолутен минимализам, со три состојки, каде што утот зазема 10% од неговата формула. Потопено во светлосната мекост на кожурецот од белиот мошус, т.н. дрво на боговите го открива целото богатство на неговиот мрачен, моќен и мистериозен карактер“.

Инаку Louis Vuitton Malletier, попознат како Louis Vuitton, со иницијали LV, е француска модна куќа и компанија за луксузна роба, основана во 1854 година од Луј Витон. Монограмот на етикетата – LV се појавува на повеќето нејзини производи, како на пример луксузните ковчези (патни торби, куфери) и останатите кожени производи („спремни за носење“), чевлите, часовниците, накитот, аксесоарите, очилата за сонце и книгите. Таа е една од водечките модни куќи во светот, која работи во педесетина земји, со повеќе од 460 продавници ширум светот. Освен во своите дуќани, нејзината роба се продава и во најмени оддели на други продавници, како и на интернет, на својата веб-страница. Во текот на шест последователни години (2006-2012), Louis Vuitton беше избрана за највредна трговска марка во светот. Во 2012 год. беше проценета на 25,9 билиони долари, додека во 2013 г. процената се зголеми, и изнесуваше 28,4 билиони, со приход од 9,4 билиони долари. Минатата година нејзиниот приход достигна неверојатни 17 билиони.

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.