Сите мислеа и велеа ене го Лотус деноноќно работи за што поскоро да се врати на старите патеки. И кога тие очекуваа од Лотус да претстави модел кој наскоро ќе влезе во сериско производство, оттаму стигна вест за нешто сосема друго, односно концепт. Несекојдневното возило сè уште е во компјутер, но како што тргнале работите, никогаш не се знае што носи утрешниот ден.
Наместо возило кое наскоро ќе може да биде купено, Лотус претстави концепт и тоа наменет за серијата „Ле Ман“, поточно за трките на издржливост. Според првите извештаи од создавачите на концептот, „лотус е – р 9“ е ултра современ болид, предвесник на тркачките автомобили од класата „Ле Ман“ во 2030 година. Возилото е направено од панели кои активно учествуваат во обликувањето на изгледот во зависност од режимот на возење и во зависност од тоа дали возилото совладува долги правци, или се наоѓа во систем од свиоци. Концептот располага и со посебни сензори кои ја откриваат брзината на движење, сензори кои отвораат аеродинамички отвори (канали) низ кои струи воздухот. Тие воздушни канали кои речиси автоматски се отвораат играат улога на спојлери кои заедно со надворешните панели учествуваат во подобрувањето на аеродинамиката како на долгите правци така и во свиоците и при употреба на сопирачките при влегувањето во свиоците. Оваа технологија сè уште е во фаза на испитување и развој, така што како сето тоа ќе изгледа во стварност сè уште не се знае, затоа што производителот не се изјасни кога концептот ќе излезе од виртуелниот свет.
Името на концептот „е – р 9“ всушност е кратенка од „ендуранс рејсер 9“ или „издржлив тркач 9“. Тоа „9“ е наследено од првото учество на Лотус на легендарната трка 24 часа Ле Ман – деветката била стартниот број на болидот.
Жарко Атанасоски