НА ПРВ ПОГЛЕД ПОРАДИ МАЛИТЕ ИЗМЕНИ ВО ДИЗАЈНОТ, НЕКОИ ЌЕ РЕЧАТ НОВИОТ „Н ИКС“ И НЕ ИЗГЛЕДА КАКО ДА Е НОВ, НО АКО ИМ КАЖЕМЕ ДЕКА ОВАА ГЕНЕРАЦИЈА ВО СЕБЕ ИМА ДУРИ 95 ОТСТО НОВИ ДЕЛОВИ, ТОГАШ СИГУРНО ЌЕ ГО СМЕНАТ МИСЛЕЊЕТО.
По седум години „служба“ редно беше стариот сув модел „н икс“ да биде заменет со нов. Сето тоа е подготвено од страна на Лексус, луксузната дивизија, или ако сакате, премиум марката во сопственост на Тојота. Нема воопшто да му биде лесно на наследникот да го замени стариот модел, затоа што во рок од седум години само на континентов е продаден во над 170.000 примероци. Тоа е бројка која треба да биде надмината во наредните седум години, а што ќе се случува дотогаш, останува да помине времето и да видиме какви продажни резултати ќе постигне втората генерација.
Кога ќе се појави нов модел, нова генерација, веднаш дизајнот е тема на разгледување. Ист е случајот и со новиот „лексус н икс“ – има многу нови нешта во дизајнот, но мора да биде нагласено следново, одговорните за новиот облик не оделе со внесување на радикални потези, туку направиле повеќе ситни измени, така што новиот дизајн не отскокнува од тој на претходниот модел. Сепак дизајнерите успеале сето тоа многу убаво да го спакуваат, така што сега новиот „н икс“ покрај вродената агрсивност доби нота на елеганција.
Новиот „лексус н икс“ покрај новиот дизајн, има и нови димензии, односно „пораснал“ во сите правци. Подолг е и поширок за 20 мм и повисок за пет милиметри, но и меѓуоскиното е зголемено за 30 мм. Изменетите димензии заедно со наново уредената внатрешност го прават одделот за патници поудобен со повеќе простор на задните седишта. На прв поглед поради малите измени во дизајнот, некои ќе речат новиот „н икс“ и не изгледа како да е нов, но ако им кажеме дека оваа генерација во себе има дури 95 отсто нови делови, тогаш сигурно ќе го сменат мислењето.
Во оваа генерација Лексус за првпат вградува „плаг ин“ хибридна погонска единица. Изведбата со оваа погонска единица носи ознака „450 х +“ и во себе има вкупно 306 КС и може да измине 63 км користејќи го само електричниот погон. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч изнесеува точно 6,0 секунди, а просечната потрошувачка на гориво ќе биде под 3,0 литри. Вториот хибриден погон, обичниот, располага со дури 22 отсто повеќе силина од претходниот модел и е почист за цели 10 отсто. Тоа е изведбата „350 х“ кој покрај електромотрот има и 2,5 литарски реден четирицилиндричен мотор. Вкупната силина од 242 КС му дозволува да постигне 100 км/ч за време од 7,7 сек. Потоа следат изведбите само со бензински мотори, „н икс 350“ со 2,4 литри и 278 КС и „н икс 250“ со 2,5 л со 199 КС.
Сите изведби имаат погон на двете оски, а само изведбата „н икс 350 х“ ќе може да се купи со погон само на предната оска. Изведбите со погон на една или две оски, тоа производителот дополнително ќе го среди во зависност кој пазар какви барања има. Тоа значи, можни се измени во одделот за погон, односно прилагодување на производот за одделни пазари, секако ако тоа му одговара на производителот, на Лексус.
Премиум класата подразбира и премиум материјали, така што не е учтиво да поставите прашања за и околу опремата. Во „лексус н икс“ бирано е што ќе се вградува, а што не или во превод најдоброто од најдоброто. И кожа, и најквалитетни дрвени елементи, и до перфекција изработени алуминиумски детали и што уште нè. Сето ова е во тесно заедништво со дигитално електронската опрема која го прави возилото да биде што е можно побезбедно во секаков режим на работа и возење и во секакви временски прилики и неприлики.