LEXUS LX-ПРЕМИУМ КЛАСА И ВРВНИ ТЕРЕНСКИ СПОСОБНОСТИ

28/10/2021

Зборот „лексус“ веднаш потсетува на луксуз и не сме воопшто далеку од вистината ако кажеме, „јапонскиот производител има вистинско име на вистинско место“, бидејќи марката Лексус произведува исклучиво автомобили од премиум класата зачинети со многу префинети ситници.

Поводот за сегашново спомнување на марката Лексус е најновиот „сув“ и воедно најтеренскиот од сите конкуренти. Чини  90.000 долари, но цената не е за овдешните купувачи, туку исклучиво за американските затоа што Лексус засега не размислува за европскиот пазар и пошироко.

Иако моделот „л икс“ претрпел обновување, сепак мора да го нагласиме следново, спомнатиот модел од толку многу обновувања е речиси нов модел. Има толку многу измени однадвор и одвнатре, така што нема да згрешите ако кажете „лексус л икс“ модел за 2022 година е сосема нов. Сличностите со претходната генерација е очигледна, но тоа се дизајнерски решенија кои ги применуваат сите производители на автомобили. Традиционалните линии мора да бидат зачувани, затоа што тие се носители на сличностите на старите со новите генерации. Внатрешноста е, исто така, речиси од корен изменета со многу матирани метални елементи до темелно обработени дрвени детали и грижливо одбрани материјали.

На почетокот ги нагласивме теренските способности на „лексус л икс“ како најдобри во класата. Секако дека ќе биде најдобар во класата кога сета негова конструкција е позајмена од надалеку познатиот и со децении произведуван „ленд крузер“, модел со кој Тојота е присутна на сите меридијани од планетава. Покрај оваа придобивка, новиот „л икс“ во себе носи и нов бензински мотор со шест цилиндри во V и работна зафатнина од 3,5 литри. Стариот 5,7 литарски V8 мотор е веќе минато (?) затоа што е потежок, троши повеќе гориво, а има помал вртежен момент и помалку коњски сили од новиот V6 мотор. Шестцилиндричниот V мотор со помош на двоен турбо полнач развива 415 КС и максимален вртежен момент од 650 Нм, односно 30 КС и 107 Нм повеќе од поголемиот, стариот мотор. Новиов е поефикасен во секој поглед и воедно е полесен. Тоа е причината зошто Лексус се определил за замена на досегашната погонска единица. Светската саемска премиера ја очекуваме да биде на 17 ноември во Лос Анџелес.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.