Автомобилска манифестација во Женева многупати била место за приредување на светски премиери. И Лексус во 2015 година беше една од марките која за првично претставување пред светската јавност го избра токму тој изложбен простор. Таа година меѓу другите, Лексус го претстави концептот „лф – са“, возило од компактната класа со 2 + 2 седишта. Тоа е видувањето на луксузната јапонска марка за иднината на градскиот превоз и брзото стигнување од точка „а“ до точка „б“.
Токму сега има еден многу битен миг, а тоа е навраќањето на Лексус на концептот од 2015 година. Идејата за создавање на типично градско возило повторно е актуелна меѓу конструкторите и планерите во компанијата. Во игра е тојотината платформа „тнга – б“ која сега ја носи „јарис крос“, а за задвижувањето најверојатно ќе биде задолжен 1,5 литарскиот трицилиндричен атмосферски мотор што сега се вградува во „тојота јарис“. 91 КС и „цвт“ автоматски менувач, дури и повеќе од тоа што е неопходно за едно градско возило. Ова мало „сув“ возило сакаат да го сместат под 4,5 метри долгиот „у икс“. Ако ја користи платформата од „јарис крос“ тогаш должината ќе биде тука некаде околу 4,15, +/- пет до шест сантиметри.
Како што велат јапонските јавни гласила поврзани со автомобилската индустрија, малиот „сув“ на Лексус би бил продаван на истите пазари како и „јарис крос“, јапонскиот, австралискиот и на континентов. Истиот извор наведува дека е можен и погон на сите тркала, истиот од „јарис крос хибрид“. Сепак сè уште виси во воздух прашањето дали малиот „сув“ концепт „лф – са“ со допадлив (и малку чуден) облик ќе влезе во сериско производство.
Жарко Атанасоски