Лексус си го задржува својот нов препознатлив дизајн кој е комбинација од заоблени линии со оштри завршетоци. Овој дизајн започна да се пробива во гамата со влијанието од концептите кои се појавија пред околу една деценија, но цврстиот чекор беше направен со моделот ц-хр. Како што вели производителот, новопретставениот концепт „лф-з електрифајд“ треба да послужи како основа за развој на дури 10 сериски возила со електричен погон кои треба да се појават до крајот на 2025 година. Смел чекор на луксузната марка, но да не заборавиме зад себе го има гигантот од светски размери наречен Тојота. Сигурно истиот сув ќе биде користен и за развојот на возилата од марката Тојота.
Да бидеме реални, концептот „лф-з електрифајд“ во себе има повеќе од само дизајн и затоа по којзнае кој пат ќе напишеме дека производителите грешат што токму тие концепти не ги внесуваат во сериското производство. Доста е со тие досадни облици и веќе видени линии. На пример, што би му фалело на концептов веднаш да се најде во сериско производство? Дотеран е како кукла за во излог, но и тоа не е сè. Батериите се сместени надолжно во подот од возилото, додека електромоторите, еден на предната и еден на задната оска, само го надополнуваат конструкторскиот рационализам за што подобра распределба на масата од возилото на двете оски. Изразено во бројки тоа от- прилика би било, 455 КС со 700 Нм максимален вртежен момент, со забрзувања безмалку како во формула 1, само 3,0 секунди од 0 до 100 км/ч и електронски ограничени максимални 200 км/.
И најважната работа изразена во бројки допрва претстои, имаме погон на сите тркала и сосема солидни 600 км до следното полнење на батеријата. И кога веќе го спомнавме погонот на сите тркала на него е прилепен софистицираниот лексусов уред наречен „директ 4 контрол“, кој го подесува преносот на силината до секое тркало според моменталните потреби на возилото. Останатите електроники се веќе познати и не треба да ги спомнуваме, а истото важи за сензорите и камерите.