Летна проверка на возила – ЛЕТОТО, АВТОМОБИЛИТЕ И ПАТУВАЊАТА

25/06/2019

ТОПЛИОТ ПЕРИОД ОД ГОДИНАТА Е ВРЕМЕ КОЕ НАЈЧЕСТО ГО КОРИСТИМЕ ЗА ПАТУВАЊА НА ПО-
ДОЛГИ РЕЛАЦИИ И РЕДНО Е ДА ИЗВРШИМЕ ПРОВЕРКА НА ВОЗИЛАТА ЗА ПОТОА ПАТУВАЊЕТО ДА НИ СЕ ПРЕТВОРИ ВО УЖИВАЊЕ.

 

Веќе сме длабоко навлезени со мислите каде ќе патуваме за време на летниве месеци и тоа ни станува секојдневна преокупација. Се планираат рути, во списокот се запишуваат места кoи треба да се посетат и што уште не. Тие кои ќе се определат да патуваат со автомобил, најдобро ќе биде да извршат темелна подготовка на возилото пред да тргнат да уживаат во летното патување. Од безбедносна гледна точка, најнапред да ја проверите исправноста на: сопирачките, пневматиците и управувачот.

– Направете детален преглед на пневматиците да видите дали воопшто се оштетени и доколку некој или некои се оштетени, препорачуваме да бидат заменети со нови. Тие „кнедли“ или „ореви“ кои се појавуваат кога ќе удрите во некоја дупка на коловозот, но и при качување на тротоарите, тие деформирања на пневматиците можат да предизвикаат голем проблем и патувањето да го претворат во пекол. Исправноста на сопирачките и на летвата од управувачот мора да биде проверена во некој сервис каде стручните лица ќе ви кажат во каква состојба се.

– Откако сте извршиле проверка на претходно спомнатите делови од возилото, следно што треба да проверите е светлосната групација. Исправноста на светлата е од витално значење за вашата безбедност, особено кога ќе настапи ноќта. Посебно внимание посветете на предните светла, односно дали тие правилно го насочуваат светлосниот сноп – правилно да светат и да не им сметаат на возилата од спротивната насока.

– Ако досега сè е во ред со вашиот автомобил, вреди да ја проверите батеријата (акумулаторот) дали таа си ја врши зададената задача, а не ќе биде лошо проверката да продолжи и на останатите електрични и електронски уреди.

– Натаму ви препорачуваме автомобилот темелно да го измиете, посебно внатрешноста, а ветробранските стакла во секој момент за време на патувањето мора да бидат беспрекорно чисти и заедно со нив метличките од бришачите. Измијте ги и нив за поубаво да ги собираат капките вода и да не оставаат траги.

– Да речеме дека сте ги извршиле сите подготовки како што треба и сега ништо друго не ви преостанува туку да тргнете на планираното патување. Надвор температурата е редовно над 30 степен, а внатре во автомобилот се искачува и над 55 степени. Тука главна улога игра бојата. Возилата со црна или некоја друга темна боја имаат повисока температура во внатрешноста, за разлика од автомобилите со бела или светла боја. Сепак и во едниот и во другиот автомобил клима уредот ќе биде пуштен. Тоа е во ред сè додека клима уредот правилно се користи. Ако се случи спротивното тогаш ќе си сносите последици, вкочанет врат, главоболка, воспаление на синусите, настинка и што уште нè. Ако, на пример, надвор температурата е 37, клима уредот не смее да биде пуштен под 29, односно 30 степени. Значи, од надворешната температура вадите седум и така ќе ја подесите климата. Ќе ви посочиме еден пример, при долго сончање, а потоа веднаш влегување во вода, без претходно прилагодување знаете што се случува. Истото може да ви се случи и со несоодветна употреба на клима уредот, надвор +40, а внатре климата подесена на +20 степени – така, не!Пред да започне патувањето би било добро автомобилот да е некаде под сенка или ако е на сонце да биде покриен со бело платно и задолжително темните внатршни делови да бидат прекриени со светла ткаенина, најдобро тоа да е памучна. На тој начин ќе ја добиете поволната температура во внатрешноста колку толку поднослива за патување.

– Носете со вас вода, но не газирани и други видови сокови. Тие се полни со шеќери од кои ќе бидете уште пожедни. Пијте вода и јадете свежо овошје, одморајте почесто, особено ако со вас патуваат и децата.

– Не тргнувајте рано наутро да патувате. Некој има (лоша) навика да тргнува наутро пред зори, во 2, 3 или 4 часот. Тоа не е препорачливо затоа што вашето тело не е подготвено да вози во 3:00 наутро. Организмот во останатите 365 дена во тој временски период спие и така е навикнато. Зошто да не возите рано наутро? Постои голема шанса да заспиете на управувачот. Затоа наспијте се и одморни тргнете на патување.

– И за крај, уште нешто, пневматиците мора да бидат напумпани како што пропишува производителот. Табелата со пропишаните притисоци се наоѓа во упатството за употреба и некаде на вратите или нивните рамки. Има вредности кога возилото е празно и кога возилото во себе има багаж и четири патници, односно неоптеретено и оптеретено. Вие одберете ја соодветната вредност и се ќе биде во ред. Претходно балансирајте ги тркалата и центрирајте го предниот дел од автомобилот и тоа е сè. Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и прилагодете ја брзината кон условите на патот. АМСМ и „Клуб Мобилити“ ви посакуваат безбедно патување.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.