Две нешта се забележуваат во светот во последниве две – три децении, а тоа е одењето од крајност во крајност. Сигурно се сеќавате на големата автомобилска криза во која производителите велеа дека го претрпеле најголемиот пад. Истовремено луксузот цветаше, Ферари, Бентли, Ролс Ројс и останатите, речиси секој месец соборуваа продажни рекорди. Во моментов на светот не му цветаат розите, но затоа луксузот се проширува на сите страни, дури имаме и отворање на нови автомобилски марки и тоа не било какви, туку од тие луксузните.
Ламборџини официјално потврди подготовка на супер брз автомобил наменет исклучиво за тркачките патеки, но не за тркачите, туку за богатите купувачи кои за време на викендите не смислиле нешто поинтересно, туку одење на патека да се повозат со 300 на час. Автомобилот наречен „сцв12“ сè уште е во фаза на испитувања, поточно во фаза на возење. Покрај другите, во тестирањето е вклучен и Емануел Пиро, некогашниот возач од формула 1, тест возач во Ф1 тимот на Мекларен и петкратен победник на трката 24 часа Леман. Супер автомобилот е задвижуван од мотор со зафатнина од 6,5 литри, класика со 12 цилиндри во V. Конструкторите велат дека автомобилот во својата продажна фаза ќе поседува над 830 КС, но и 200 кг помалку од неговиот сериски ривал „авентадор свј“.
Секој купувач на ова чудо на четири тркала ќе мора да посетува курс за брзо возење на патека, а за инструктор го имаат претходно спомнатиот Емануел Пиро. Цената на автомобилот сè уште не е формирана, но според тоа како се движат нештата во светот на трките, можно е цената да се врти околу бројката 7 (седум) изразена во милиони евра.
Овој супер примерок ќе послужи како основа за развој на тркачки автомобил кој треба од идната година да се натпреварува на трките на издржливост вклучувајќи ја и „24 часа Леман“ како најпозната во светот. Како што се најавува, во тие трки ќе биде формирана посебна класа, а би требало да биде наречена „супер брзи автомобили“ или категорија на „хипер автомобили“.