Што всушност подготвил Ламборџини и што за првпат претстави на 18 ноември? Накусо кажано, тоа е модел симнат од тркачките патеки и хомологиран за секојдневна употреба како и секој друг автомобил што е денес присутен на асфалтот. Трите букви „сто“ е кратенка од „супер трофео омологата“. Ламборџини има тркачка дивизија наречена „Ламборџини Шквадра Корсе“ од која излегле „хуракан супер трофео ево“ и „хуракан гт 3 ево“, модели со кои Ламборџини има освоено три титули на 24 часа Дајтона и две титули од 12 часа Себринг.
Производителот ја црпел инспирацијата од тркачките патеки за создавање на моделот „хуракан сто“ и следно што направил е тркачкиот модел да го направи достапен за тие што не се тркачи. Супер купето во себе има атмосферски V10 мотор со 640 КС и има 43 килограми помалку од веќе олеснетата изведба од истоимениот модел, станува збор за „перформанте“ и сега сувата тежина на купето изнесува 1.339 кг.
Подобрената аеродинамика го вели следново, движењето на воздухот околу „ламборџини хуракан сто“ е подобрено за 37 отсто и зголемен потпритисок за цели 53 отсто, а сето тоа е во споредба со „ламборџини хуракан перформанте“. Тука мора да се спомне и издувниот систем изработен од титаниум конструиран од компанијата Акрапович, полесен за 40 отсто од стандардниот кој се вградува во „основните модели“. Подобрувањата допринесуваат за лесно постигнување на максималната брзина од 310 км/ч и забрзувањето од 0 до 200 км/ч за точно 9,0 секунди. Лесно му е на ваков автомобил да поседува врвни брзински особини кога потекнува директно од тркачките патеки. И секако, не заборавивме да ги спомнеме неговите 3,0 секунди потребни автомобилот да ја постигне брзината од 100 км/ч тргнувајќи од место. Најновото купе на Ламборџини ќе стаса кај првите сопственици следната година на пролет, по цена која, засега, може да ви ја каже само производителот.