L-AVENTADOR LP 780-4 ULTIMAE-НАЈМОЌНИОТ АВЕНТАДОР ЗАМИНУВА НА ЗАЛУЖЕН ОДМОР

14/07/2021

Толку од авентадорот, најпрестижниот, најбрзиот, најлуксузниот и знаменосецот во семејството Ламборџини. Моделот „авентадор“ оди на заслужен одмор, а што ќе го замени тоа ќе го дознаеме подоцна. Челниците на оваа надалеку позната работилница која произведува исклучиво спортски купе автомобили реши да го менува врвот, откако досегашниот служеше добри 10 години. „Ламборџини авентадор лп 780 – 4 ултима“, тоа е целосното име на најмоќниот авентадор досега и автомобилот кој го „тресеше“ не само туристичкиот туку и тркачкиот свет.

Најновата изведба од неколкупати спомнуваниот модел има погон на сите тркала што значи силината од зачудувачките 780 КС се распределува на двете оски. За таа силина одговорен е класиката од атмосферски V12 мотор чија работна зафатнина на цилиндрите изнесува 6,5 литри. Моќен мотор, способен да го понесе автомобилот од 0 до 100 км/ч за само 2,8 секунди и да постигне крајна брзина од 355 км/ч. Така прави разбеснетиот бик во облик на автомобил именуван како „авентадор последна изведба“.

Автомобилот тежи 1.550 килограми, односно 1,98 килограми на една коњска сила, сооднос кој го прави овој автомобил најмоќен во класата на атмосферците (без хибриден погон). Малку е тажна сета оваа ситуација затоа што еден супериорен модел мора да згасне, мора да си оди од производните хали. Неговиот безвременски раскошен дизајн го гледаме за последен пат, а потоа ќе фаќа прашина во некој музеј или музејско депо и од време на време ќе биде шетан од изложба на изложба да видат помладите генерации какви автомобили биле правени на почетокoт од XXI век.

„Ламборџини авентадор лп 780 – 4 ултима“ ќе биде произведен во 600 примероци, од кои 350 во купе и 250 во родстер изведба. Цената на овој „авентадор“ не е соопштена, но таа во приказнава воопшто не е ни важна, а не е ни важна ни за идните сопственици, затоа што многу добро знаат што купуваат.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.