ФОРМУЛА 1 СЕ ОРГАНИЗИРА ОД 1950 ГОДИНА, НО ПРОЦУТОТ НА БИЗНИСОТ ВО ПОЗАДИНА ЗАПОЧНА ВО РАНИТЕ ОСУМДЕСЕТТИ И НИКАКО НЕ ЗАПИРА–БЛАГОДАРЕНИЕ НА ДОБРОТО ШОУ
Формула 1 е предводник и трендсетер за брзинските спортови, па она што се случува во неа, често се прелева во другите помали авто-мото серии. Кога Формула 1 ја воведе летната пауза, тоа се покажа како широко прифатена иницијатива на пониско ниво, но и во ривалските серии како Мото ГП. Авто мото спортот генерално тежнее да ја избегне зимата, но одамна оние со поголем талент за организација и логистика, се потсетиле дека ова годишно доба не настапува на сите точки од планетата во ист момент. Познати се примерите со одржувањето на Ф1 трки во јануари на локации како Аргентина и Бразил, но всушност првиот преседан започнал во 1962 година кога сезоната завршила во Јужна Африка, а трката се одржала на 29 декември како последна во сезоната. Оттогаш наваму историјата памети разни „керефеки“ и гимнастики со календарот, кој во периодот од 1950 до 1959 година имал во просек 7 до 10 трки, за до крајот на 20 век (пред воведување на летната пауза) да стигне со 16-19 трки. Летната пауза дојде како еден вид признавање на потребата за семејно време на вработените кои токму во летните месеци беа растргнати на два фронта: од една страна да се унапредуваат перформансите на постојниот болид, а од друга страна да се подготвува болидот за идната сезона.
За да можат да продолжат да го прошируваат календарот со трки, оргазаторите ги забранија тестирањата во текот на сезоната. Поради пандемијата од Ковид -19 минатите две сезони се сведоа на големо мнозинство европски трки во земјите каде што беше возможно да се патува, но сезонава беа планирани рекордни 23 трки и повторно пат околу светот како логистички предизвик. Откажувањето на трката во Русија и подоцнежната одлука да нема друга трка што ќе ја замени, сепак ќе го одложат „поставувањето“ на новиот рекорд. Прашањето е само дали е тоа максимумот или не чека нешто друго во иднина? Моето лично мислење е дека календарот ќе продолжи да еволуира, на ваков или онаков начин. Имено, експериментите со две трки во гран при викенд земаа сè поголем замав и се чини дека нема враќање од тој пат. Исто така, како и во секој друг спорт, мора да се даде пауза во меѓу сезоната: фудбалот традиционално завршува во мај, но најчесто најдобрите имаат репрезентативни обврски и во јуни, за потоа да ја започнат новата сезона некаде во август.
„Пандемиските трки“ беа пример дека на Блискиот Исток може да се организираат гран при викенди и во декември, па очекувам дека ќе се прават обиди да се искористи барем првата половина од овој месец за финиш на сезоната, по што би следеле Божиќните празници и меѓу сезонската пауза. Ако се гледа од последниве години, кога „Либерти медија“ ја презема Формула 1, првите претсезонски тестирања се на крајот од февруари, со уште еден тест пред почетокот на сезоната во Бахреин. Тоа навестува старт на сезоната најдоцна до 15 март и крај најдоцна до 15 декември. Ако се навратиме на фактот дека на крајот од минатиот век имаше 16-17 трки по сезона (без летна пауза), а сезоната завршуваше во средината на октомври, тогаш мора да се признае дека предвидувањето за 23 трки по сезона е можно кога сезоната би траела до првата половина на декември. Претпоставувам дека на ФИА не и менува ништо, имаме пример дека рели сезоната традиционално почнува во јануари.
Главниот збор сепак очекувам да го имаат телевизиите бидејќи тие се основата за бизнисот со ТВ права, а со тоа и влијаат на бројот на трки. Во нивниот бизнис, важна е гледаноста и рејтинзите наспроти конкуренцијата. Моменталната поставеност на спортот, со неколку возачи кои имаат шанси за високи пласмани и продуцираат добро шоу, води кон проширување на бизнисот и „цедење до капка“ на секоја можност за профит…