Колумна своерачно-ЗА ШАМПИОНСКИТЕ РАБОТИ

24/07/2023

РЕЧИСИ ВО СЕКОЈ СПОРТ СТРЕМЕЖОТ Е ОСВОЈУВАЊЕ НА ШАМПИОНСКАТА ТИТУЛА, БЕЗ ОГЛЕД ДАЛИ СТАНУВА ЗБОР ЗА ЕКИПНО ИЛИ ПОЕДИНЕЧНО НАТПРЕВАРУВАЊЕ: СПОРТОТ ПРЕТСТАВУВА ПОЛЕ КАДЕ ШТО НАЈДОБРИТЕ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ ЌЕ ЈА ПОКАЖАТ СВОЈАТА СОВРШЕНОСТ, ПОДГОТВЕНОСТ И ПОБЕДНИЧКИ МЕНТАЛИТЕТ

 

Она на што сакав да се задржам во оваа колумна е различниот начин на кој, во сите спортови, се регулираат извесни права на светскиот шампион. Во автомобилските трки историјата покажала дека прваците немаат некои посебни права освен да го носат бројот 1 на болидот во текот на следната година.

Имено, Формула 1 е тимски спорт и носител на лиценцата за настап е тимот кој има право да пријави двајца возачи и да освојува поени преку нив за табелата на конструкторите. Преку оваа табела, секој тим како учесник добива средства од организаторот кој, пак, заработува од продажба на ТВ правата и другите маркетиншки потенцијали. Со други зборови, ако возачот не се договори со тимот за настап во следната сезона, можно е да нема шанса да си ја брани титулата.

Спротивни примери има во голем број. Во екипните спортови, на пример во фудбалот и ракометот, екипите кои стануваат светски прваци во следниот циклус не ги играат квалификациите и се пласираат директно на завршниот турнир. Бидејќи во Формула 1 и општо во автомобилизмот системот на натпреварување е поинаков, ваквата бенефиција не може да се оствари. Настапите во светските првенства се преку лиценци кои се регулираат со взаемен договор од кој произлегуваат права и обврски за учесниците и организаторот, но не постои систем на квалификации за тие да бидат издадени. Во минатото, кога една екипа од понизок ранг ќе сакаше да се префрли во Формула 1, за такво нешто ќе беше потребно да ја докажува својата експертиза во пониските класи, но и финансиска под- готвеност.

Кај поединечните спортови прашањето на светските шампи- они се решава од еден до друг случај на различен начин. Во шахот, оној што е светски првак треба да биде предизвикан од ривал кој ќе победи на турнир меѓу осум претенденти. Тенисерите, пак, воопшто немаат светско првенство, па затоа федерацијата формира некаква листа, но единствени бенефиции се добивањето статус на „носител“. Тоа е пракса која е започната на Вимблдон во 1924 година кога се дефинирале четири носители, по еден од различна земја, па затоа и се сметал како „неофицијално“ светско првенство. До 2021 година Англичаните ги именуваа носителите по свои критериуми, но од 2021 година и таму почна да се применува исклучиво ранкингот. Поентата на добивањето статус на носител е главните четири фаворити да не може да се сретнат пред полуфиналето. И покрај тоа, историјата нè учи дека 11 тенисери на Вимблдон играле финале иако не биле носители, а двајца победиле (Борис Бекер во 1985 и Горан Иванишевиќ во 2001 година).

Единствени кои можеби имаат некакви привилегии се поединечните спортисти од спортовите како пливање, атлетика, донекаде и оние во снукер, бидејќи еден пласман им носи некој друг настап, бидејќи се базирани на норми. Со исполнување на одредени норми се патува на Европско или Светско, а оттаму на Олимпијада, па евентуално во иднина да се добие и вајлд-карта доколку се пропушти некаков настап поради повреда, па тоа да не го наруши целиот процес. Колку е стимулативно, толку е и безмилосно. На пример, боксерите кои се борат за медали ги сметаат за аматери, додека оние што понатаму ја продолжуваат кариерата во разните рингови, најчесто се етикетираат како „професионалци“ и боксуваат за однапред познат хонорар.

Очигледно е дека нема јасна и општоприфатена формула, но и дека шампионите не се толку ценети во одредени спортови. Оттука, „чаршиската мудрост“ дека во спортот вредиш само колку што си бил добар во последниот настап, добива на те- жина и тоа е реалноста која е присутна на почетокот од 21 век.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.