МИНАТАВА СЕДМИЦА БЕШЕ ОДБЕЛЕЖАНА СО ГЛАВНАТА СПОРТСКА ВЕСТ ВО ЕВРОПА ЗА ФОРМИРАЊЕТО НА ТАКАНАРЕЧЕНАТА ФУДБАЛСКА СУПЕР ЛИГА, ПРИ ШТО ЗА САМО НЕКОЛКУ ДЕНА ПРИКАЗНАТА СЕ СМЕНИ ОД РОМАНТИКА ВО ТРАГЕДИЈА.
Иако засега се верува дека овој проект брзо ќе згасне и покрај големата помпезност со која беше најавен, како со и единството на дванаесет најголеми европски тимови (тоа беше демонстрирано со цел да и се даде престижна конотација на новата творба), иднината не изгледа воопшто розово.
Меѓу првите што го кренаа гласот беа самите фудбалери укажувајќи дека правењето на лига на богати екипи не е нешто за што тие сонувале како млади. Од друга страна, обезбеденото учество во таква лига, која требаше да ја замени Лигата на шампионите под закрила на УЕФА, требаше да донесе фиксни места за клубовите основачи. И тој момент беше критикуван затоа што спортот учи на тоа дека секој пласман треба да биде заслужен. Без таквата димензија, тоа повеќе не би бил тој спорт. Ланскиот шампион во Англија, Ливерпул, годинава е шести и следната година нема да биде дел од ЛШ, а нивната немоќ беше до толку голема што нивните ривали на еден натпревар излегоа со маички на кои имаше повик да си ја заслужат позицијата на табелата која што води кон престижната Лига на шампиони.
Но, зошто е ова навраќање кон фудбалот во оваа автомобилска колумна? Истата ситуација неколку пати и се закануваше на Формула 1, каде што тимовите учесници во континуитет бараа поголем дел од колачот за себе, наспроти уделите кои ги добиваа организаторите и промотерите на првенството. Во минативе две декади идејата за нова тркачка серија беше повеќе пати лиферувана и некако, по правило, Ферари најпрвин беше со екипите што сакаа да се одметнат, а потоа меѓу првите се откажуваше и потпишуваше нов договор за учество во Формула 1. На поупатените им е јасно дека зад Ферари стои сопственичката структура предводена од семејството Ањели која, исто така, го поседува и фудбалскиот клуб Јувентус, кој беше дел од обидот за формирање на фудбалската супер лига.
Фер е да се спомне дека учесниците во фудбалската супер лига најавуваа дека ќе играат во домашните првенства, а дека само би ја избегнувале Лигата на шампионите во организација на УЕФА со идеја преку меѓусебни натпревари да генерираат поголеми суми од ТВ правата. Дури беа најавени и пропратни проекти за помош на послабите и посиромашни фудбалски тимови, но се чини дека тоа никој не го сфати сериозно. Главната ѕвезда водилка требаше да биде фантастичната сума од 400 милиони евра за еден од нив што ќе го освои трофејот, додека како финансиер на целиот проект „J.P. Morgan“ требаше да инвестира шест милијарди долари.
Последниве години Берни Еклстон, како промотор на светското првенство, го бранеше бизнис концептот велејќи дека подобро е тимовите да земат половина од неговиот приход отколку самите да направат свое првенство, да се искараат меѓу себе и да имаат сто отсто од нула приходи. Доколку фудбалскиот проект доживее комплетен крах, тоа ќе биде добра поука и за оние што сонуваат за приватна автомобилска серија. Без влијателно регулативно тело што ќе гарантира фер плеј, ќе ги обезбеди најдобрите и наједуцираните судии, нема да предизвика поделеност кај публиката, едноставно таква зделка не е можна!
Во прв момент фудбалските клубови обезбедија единство на дванаесет тима од три фудбалски лиги, но откако УЕФА се закани со санкции и најави дека играчите што настапуваат за тие клубови нема да можат да играат за своите репрезентации, тоа предизвика чувство несигурност кај „бегалците“. Дополнително, француските и германските тимови не беа дел од оваа идеја, а тоа покажува дека или имале поинаква визија, или аргументите на другите не биле доволно добри. Оние што бараат ваква приватна лига секогаш повикуваат на повеќе приходи за помегаломански проекти.
Од друга страна, годинава сме сведоци дека ФИА спроведува проект за ограничување на буџетите на големите тимови во Формула 1, за да им ги „скратила крилјата“ на оние кои што се надеваат на комплетна доминација преку инвестирање повеќе пари од конкуренцијата. Така, годинава со овој проект предвидено е да се ограничи и употребата на воздушните тунели, како и многу други помали работи што би можеле да им одземат време и средства на тимовите, па така, на пример, минатогодишната иновација за таканаречениот ДАС волан на Мерцедес беше забранет токму повикувајќи се на тоа дека не треба да се дозволат некои „егзотични“ решенија што би можеле да ги осиромашат малите тимови.
Како што е ситуацијата, Еклстон го направил вистинскиот потег со тоа што им го довери спортот на американските акционери обединети во компанијата Либерти Медија, притоа имајќи ја поддршката од претседателите на ФИА, претходно од Макс Мозли и сега од Жан Тод, за организација на светско тркачко првенство кое што ќе плени по тоа што е изедначено и неизвесно, наместо да се одвојува како елитно и тешко достапно. Тоа ќе мора да се докаже наскоро во пракса и со потпишување на нов договор „конкорд“ за регулирање на меѓусебните права и обврски меѓу учесниците и организаторите, а со тоа и да се осигури безбедната иднина на овој спорт до крајот на оваа декада.