Колумна своерачно-РУСКИ СПОРТИСТИ

31/05/2022

СПОРТИСТИТЕ СЕ ЛУЃЕ КОИ СВОЈАТА КАРИЕРА ЈА ГРАДАТ НИЗ СПОРТОТ И СЕ ВОВЛЕЧЕНИ ВО ПОЛИТИЧКИТЕ ЗБИДНУВАЊА НАДВОР ОД СВОЈАТА ВОЛЈА. ОД МАЛИ НОЗЕ СЕ УЧЕНИ НА ЧЕСЕН ПРИСТАП, КАДЕ ШТО ВАЖИ „НЕКА ПОБЕДИ ПОДОБРИОТ“

 

Од почетокот на воениот конфликт меѓу Русија и Украина во медиумите циркулираат секакви информации, мислења и анализи за сите руски државјани кои поради различни причини патуваат надвор од својата татковина. Дел од нив се и спортистите кои настапуваат на различни спортски манифестации. На почетокот од сезоната во Формула 1 видовме пример каде што американскиот тим Хаас го раскина договорот за спонзорство со фармацевстката компанија Уралкали, која ја поддржуваше кариерата на возачот Никита Мазепин. Во светот на фудбалот, руската репрезентација беше дисквалификувана од натпреварите кои требаше да се доиграат за пласман на Светското првенство во Катар.

Како што конфликтот се разгоре, така и пропагандната машинерија се вклучи во целост и почнаа изјавите на поединци да се мерат и споредуваат со нечии лични критериуми за здрава логика. Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал иако се големи ривали на теренот, беа едногласни дека одлуката на Вимблдон да не дозволи настап на тенисери од Русија и Белорусија едноставно  „не е фер“. Сепак, исто толку големи имиња се јавија со поддршка, па Гари Каспаров возврати дека „не е фер што Украинците гинат“. Од друга страна, дел од спортистите, кај извесен број на спортски федерации, можат да побараат да им биде дозволен настап, при што тие нема да бидат пријавени како спортисти од матичната земја, односно ќе настапуваат под знамето на светската федерација. Во автомобилските трки, таков пример се случи во европското ТЦР првенство, каде што Евгени Леонов и Клим Гаврилов без да го употребуваат својот национален идентитет смеат да возат и да се тркаат, а на нивните пари не им се наоѓа маана. За разлика од нив, на Европското првенство во шах кое се играше во Словенија, организаторите (под името Европска шаховска унија) ги суспендираа федерациите на Русија и Белорусија и пропишаа дека можат да играат само оние кои „ќе ја сменат федерацијата или ќе изразат желба да играат под знамето на ФИДЕ“. Проблемот со ваквото „решение“ (на ТЦР Европа и ФИДЕ) е дека на тој начин само на извесни играчи им се дозволува настап. Судиите и тренерите, кои не можат да настапат под знаме на ФИДЕ, се осудени да седат дома, а со нив и сите други шахисти (меѓу кои и талентираните младинци) кои не биле на ниво да играат на највисоките и најпрестижните турнири. Со други зборови, можеби е најдено решение за настан на петмина или десетмина играчи, но илјадници други се „исклучени“.

Дополнително, руските организатори ги загубија манифестациите што им беа доверени. Трката на Формула 1 што се возеше во Сочи речиси молскавично беше избришана од календарот, а тоа подоцна беше направено и со шаховската олимпијада.

Не сакам во оваа колумна да застанам на било чија страна, но гледам дека политиката на извесен начин го оптоварува спортот. Не сакам ниту да го релативизирам прашањето на војната, бидејќи макар еден човек да биде повреден, не е ни хумано, а уште помалку убаво да се поддржи. Спортистите се луѓе кои својата кариера ја градат низ спортот и се вовлечени во политичките збиднувања надвор од својата волја. Од мали нозе се учени на чесен пристап, каде што важи „нека победи подобриот“. Во случајов, не верувам дека тие се моќни да направат некаков бунт и да се конфронтираат со власта во своите земји  а тоа е единсвеното нешто што репресивните мерки можат да го поттикнат. Со други зборови, нивната „елиминација“ нема да и помогне на политиката во нејзината кампања. И на крајот, „нема да победи подобриот“, бидејќи тој „најдобриот“ можеби е од Украина, а можеби од Русија или Белорусија. Објективната спортска публика ќе аплаудира на тенисерот што ќе победи прикажувајќи најдобар тенис, форма и изведба, а не поради нечија национална припадност.

Лично, би одел во друга крајност, каде што нема потреба од истакнување националност и знаме. Победите им припаѓаат на најдобрите, а не на оние чии што спонзори се дозволени или чие што знаме и химна смеат да се истакнат во јавност.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.