ВЕРОЈАТНО ПОСЛЕДНИ ДОБРИ ПРИМЕРИ ЗА МЛАДИ ВОЗАЧИ КОИ ГИ ОПРАВДАЛЕ ОЧЕКУВАЊАТА СЕ СЛУЧАИТЕ СО ШАРЛ ЛЕКЛЕР, ЏОРЏ РАСЕЛ И ЛАНДО НОРИС
Аферата „Крешгејт“ го потресе светот на Формула 1 со разоткривањето во текот на 2009 година, но всушност се однесуваше на трката за Големата награда на Сингапур од 2008 година, кога според изјава на бразилскиот возач Нелсињо Пике (син на трикратниот светски првак Нелсон Пике), намерно се удрил во заштитниот ѕид, за да предизвика застој на трката и излегување на возилото за безбедност. Ваквото обвинување не би имало никаква логика ако од сето тоа имало само штета, но на таа трка победи тимскиот колега на Пике, Фернандо Алонсо, кој пред инцидентот влезе во бокс и изби во водство кога останатите го направија истото.
Скандалот излезе на виделина откако Нелсињо Пике беше отпуштен од Рено на средината од 2009 година, по што самиот тој си ја „олеснил“ грижата на совеста пријавувајќи го случајот во светската автомобилистичка федерација. Како резултат на сето тоа тимскиот шеф на Рено, Флавио Бријаторе, го загуби своето работно место иако ја негираше одговорноста, но техничкиот директор на екипата, а воедно и инволвиран како стратег на тимот, Пет Сајмондс, со прифаќање на вината се обиде да си го обели образот и да се врати во спортот откако духовите се смирија. Бидејќи титулата веќе беше доделена, немаше никаков процес со кој тој резултат би бил ревидиран.
Но, речиси 15 години подоцна, овој случај повторно стана актуелен поради изјавата на некогашниот промотер, Берни Еклстоун, дека тогашниот претседател на ФИА, Макс Мозли, како и тој самиот имале сознанија за она што се случило во Сингапур пред крајот на сезоната и пред Хамилтон да биде прогласен за шампион. Изјавата на Еклстоун сугерира дека тие се плашеле од негативен публицитет, додека доказот во смисла на откривање на скандалот веќе го имале во форма на изјава од постариот Пике. Поранешниот промотор сугерира дека ФИА можела комплетно да го поништи резултатот од трката во Сингапур, а со тоа на крајот од сезоната и бодовите што одлучуваат за шампионската титула би биле поинакви, односно Фелипе Маса би бил светски шампион наместо Хамилтон!
Потврда за ваквата сторија дал и Макс Мозли во документарниот филм снимен за него, во кој на истата тема зборува и директорот на трката, Чарли Вајтинг. Низ светските медиуми оваа афера сè уште одекнува со разни шпекулации, кои дури сугерираат дека титулата на Хамилтон би можела да му биде одземена.
Колку и да звучи лошо, постојат правни ограничувања кои што алудираат на тоа дека е тешко да се очекува пресврт. Жалби по прашање на резултатите од трката можат да се достават 14 дена по спорниот натпревар, а максимум четири дена пред прогласувањето на шампионот. Со истекувањето на овие рокови тие поддржале сценарио со кое што титулата оди во рацете на возачот на Мекларен. Дури и да се поведе некаква постапка, целиот случај не може да биде правно обврзувачки за ФИА и да предизвика менување на резултатите, затоа што сите учесници во Ф1 шампионатот прифаќаат дека највисока правна инстанца за решавање на жалбите е Меѓународниот апелационен суд на ФИА, со што граѓанските судови, па дури и спортскиот суд во Лозана не можат да наметнат никаква одлука врз федерацијата.
Тоа што ФИА не реагирала веднаш, од една страна не мора да значи дека треба и целата трка да се поништи, а со тоа и сите возачи што освоиле поени да останат без истите. На спорната трка Хамилтон бил третопласиран и прашање е зошто неговиот резултат би требало да биде суспендиран ако во евентуалното „местење“ биле инволвирани само припадници на Рено? Од друга страна, чинот на бришење на целата трка оди само во корист на Ферари и Маса кој, пак, таа трка не ја заврши. Задоволување на правдата не значи автоматски и надоместување на штетата. Виновниците се казнети, што во судската пракса може да го споредуваме како некој што е осуден за грабеж, но пленот никогаш не е пронајден и вратен на сопственикот.
Зошто со вакви изјави се расветлува случајот дури сега? Зошто Мозли и Еклстон не направиле ништо претходно? Зошто Еклстоун сугерира да се поништи цела трка? Која е вината на Хамилтон за да не биде прогласен за светски првак? Сето ова останува нејасно и само го нарушува имиџот и довербата кон ФИА, додека Фелипе Маса повторно е соочен со траумата од која што се обидува да избега веќе 15 години.