ИМА ЛИ ПОДОБАР МАРКЕТИНГ ЗА ЕДЕН НАСТАН ОД ТОА ДЕКА ИСТОРИЈАТА СЕ СЛУЧУВА ВО ОВОЈ МОМЕНТ, ТУКА И СЕГА, ПРЕД ВАШИТЕ ОЧИ? ЛУИС ХАМИЛТОН ДОЈДЕ НА ЧЕКОР СО ВСЕЛЕНСКИТЕ БРОЈКИ КОИ БЕА ОБЕЛЕЖЈЕ НА КАРИЕРАТА НА МИХАЕЛ ШУМАХЕР, А СЕГА СЕ НА ЧЕКОР ДА СТАНАТ ПОЖОЛТЕНИ СТРАНИЦИ ВО НЕКОЈА СТАРА КНИГА.
Таканаречената „турбо-ера“ му донесе на Мерцедес силна позиција, како што по правило секогаш некој тим има кога се менуваат правилата, бидејќи мора да има еден што подобро проникнал во можностите за креирање и конструирање. Дополнително, кога се донесоа новите правила, беше прогласен и мораториум за развојот на таа технологија, па добивме трки во кои „сребрените стрели“ си поигруваа со конкуренцијата како да се од друга планета. Единствениот кој успеа да внесе доза на интерес кај публиката беше Нико Розберг. Успешно му парираше на Хамилтон, со упорност и силна ментална страна му се „истопори“ на Британецот и редовно го предизвикуваше на дуели, како во квалифика- циите, така и во трката.
Но, Розберг сето тоа го носеше во себе и затоа кога ја освои светската титула во 2016 година, порача дека таа има посебна вредност, бидејќи е освоена против возач како Хамилтон. Во тие моменти, Луис беше „само“ трикратен светски шампион, но откако Розберг донесе одлука да се повлече и да се посвети на семејството, не- говата замена отелотворена како Валтери Ботас не успеа да го повтори неговиот пример. Хамилтон и натаму си ја работи онаа работа за која што е платен, најдобро што знае и умее, а со тоа и постојано си ги „дошминкува“ бројките. Доколку идната сезона продолжи со исто темпо од 11 победи (иако календарот е зголемен за една трка), Михаел Шумахер ќе биде веќе „бајата вест“ и веројатно ќе ја добие посакуваната мирнотија и приватност. Што ќе добие Формула 1 од сето тоа? Новите правила се веќе неминовност, па 2021 година ќе биде некаков нов почеток за повеќе тимови и возачи. Проширениот календар ќе им помогне на новите „кандидати“ за слава да добијат уште повеќе шанси за победи, пол позиции, нови бројки, нови рекорди. Шоуто мора да продолжи, па макар и низ призмата на стати- стиката, како некаква основа за интерпретација на успесите, или едноставно како мерило на постигнатото.
Кога Шумахер го собори рекордот на Фанџо, меѓу двете постигнувања поминаа 45 години: Аргентинецот ја освои својата петта титула во 1957 година, а Германецот во 2002 година. Седмата светска круна на Шумахер беше освоена во 2004 година, а на Хамилтон првата „топка“ за изедначување му доаѓа во 2020 година, или само 16 години подоцна. Во ерата пред Шумахер, доминираа англиските екипи Вилијамс и Мекларен, но тие имаа пракса речиси редовно да ги ротираат возачите. Времето ќе донесе некој „нов Луис“, па можеби и некој „нов Розберг“, а колку и да звучи патетично, дури и некој „нов Ботас“. Статистиката е сепак само „мртво слово на хартија“, она што треба да биде главно е – трките да бидат интересни и да ја разбудат онаа жар кај публиката, типична за навивачка еуфорија. Последен таков пример беа дуелите на Шумахер и Хакинен, бидејќи траеја повеќе од една сезона и инволвираа различни тимови (за разлика од дуелот Алонсо-Хамилтон во Мекларен 2007 година).
Заклучокот сам се наметнува, потребни се најмалку двајца, а веќе како нови имиња се профилираа Леклер и Ферстапен, кои имаат по 21-22 години. Хамилтон ја искористи својата историска шанса за да освои сè што можеше без соодветна конкуренција, па ќе бидам изненаден ако продолжи со вакви успеси и по 2021 година. Фетел можеби не му беше дораснат противник, но новите ривали се чини дека опасно се приближуваат. Уште кога Ботас би го подигнал нивото, или би се нашол нов талент за неговата позиција, смената на генерациите би била комплетна.