ОНА ШТО МОЖЕ ДА СЕ АДРЕСИРА КАКО „ДУПКА“ Е ФАКТОТ ДЕКА И ПО 70 ГОДИНИ СО ФОРМУЛА 1, НЕМА ГОЛЕМ БРОЈ НА НАЦИОНАЛНИ ПРВЕНСТВА КОИ ПРАКТИКУВААТ ТРКИ СО ЕДНОСЕДИ КОИ ИМААТ ОТВОРЕНИ ТРКАЛА. ТОА ГИ ФАВОРИЗИРА ОДРЕДЕНИ ЗЕМЈИ ДА ИМААТ ПОДОБАР РАЗВОЈ НА МЛАДИТЕ КАТЕГОРИИ И АВТОМАТСКИ СО ТОА ПОДОБРО ДА ЕДУЦИРААТ КАДРИ ЗА ЕЛИТНИТЕ КАТЕГОРИИ
Со одбележувањето на илјадитата трка која се бодува за Светското првенство во Формула 1, овој спорт влезе во фаза каде што веќе не остава ни тронка сомнеж за тоа дека сите други форми на трки се наоѓаат пониско во хиерархијата, иако лично не би рекол дека постои друга серија која покажала капацитет да го преземе приматот како врвно натпреварување каде што возат најдобрите возачи и се користат супер модерни технологии.
Сепак, кога ќе се анализира таа хиерархија, станува јасно дека кругот околу Формула 1 помага најмалку уште две-три други натпреварувања, во кои се наоѓаат екипи кои „го учат“ занаетот заедно со други млади возачи кои сонуваат за елитата. Она што може да се адресира како „дупка“ е фактот дека и по 70 години со Формула 1, нема голем број на национални првенства кои практикуваат трки со едноседи кои имаат отворени тркала. Тоа ги фаворизира одредени земји да имаат подобар развој на младите категории и автоматски со тоа подобро да едуцираат кадри за елитните категории.
За Македонија е утеха дека ниедна друга земја од Балканот немала свој возач во Формула 1, а воопшто Источна Европа може на прсти да изброи возачи кои биле лансирани во светските првенства: Баумгарнер (Унгарија), Кубица (Полска), Петров (Русија), Сироткин (Русија), Квјат (Русија) …
За мене ова е јасно адресирано со тоа што не постојат национални првенства освен во земји како Велика Британија, Германија или Италија, но уште повеќе е битно што спортистите кои стигнале на ова ниво биле вистински претставници на одредени економии или компании, кои го спонзорирале нивниот подем во спортски икони (сетете се на Шумахер и Декра, на Сена и Национал).
Со други зборови, до Формула 1 може да се стигне ако се има и поддршка на вакви бизнис заедници, но повторно на Балканот и не само во Македонија, не постои таква спортска икона која е подигната низ светот на авто-трките. Ако го земеме примерот на Игор Стефановски – Иџе како прв во оваа насока, останува надеж дека и тоа може да се обмисли во иднина.
Но, најголемиот проблем кој го воочувам во целина, е немањето доволно трки на регионално ниво бидејќи тие треба да бидат првиот филтер за напредок. Имено, освен ЦЕЗ шампионатот, кој рака на срце е добро замислен, но прескап за да спречи директно одлевање во Европското првенство, нема друго скалило. А борбата со посилен противник е она што на секој во спортот му е потребно за да напредува постепено. Оттука, дел од одговорноста за иднината е „во скутот“ на ФИА, која мора да ги реши туринг трките на начин како што сега ќе го трасира патот со светското првенство (кое во моментов е во брак со интернационалната ТЦР серија), а делумно во надлежност на националните федерации кои мора да создадат услови за развивање на млади таленти пред сè промовирајќи го картингот.
Секое занимавање со спорт е полезно, бидејќи ја гради една индивидуа на начин во кој што може да согледа како се издигнува ако вложува во сопственото знаење и физичка кондиција. Авто мото спортовите не се исклучок, иако по правило во моторизираните спортови секогаш има разлики меѓу опремата што се користи од различни производители. Сепак, нејзиното стандардизирање и усовршување на крајот на денот го помага спортот, па оттука нема никакви двојби дека има простор за напредок на нашите простори и во категории кои досега биле иманентни само за земјите со високо развиена техничка култура и богата економија.