КОЛУМНА СВОЕРАЧНО-ИНЦИДЕНТИТЕ ИМ ГО УКРАДОА ШОУТО НА ТРКИТЕ

25/06/2019

ЗАПЛЕТОТ НА СЕЗОНИТЕ ВО ФОРМУЛА 1 И МОТО ГП ДОНЕСЕ СЛУЧКИ КОИ СЕ НЕМИНОВНОСТ ВО ТРКИТЕ – ИНЦИДЕНТИ ОД ПОМАЛ И ПОГОЛЕМ КАЛИБАР, НО НИВНОТО (НЕ)РЕШАВАЊЕ ДОНЕСЕ ВИСТИНСКА БУРА ОД РЕАКЦИИ, БИДЕЈЌИ СЕ ВЛИЈАЕ НА ТРКАЧКИОТ СПЕКТАКЛ.

 

Речиси истовремениот тајминг на случките ги покоси двете најголеми тркачки серии, иако во трките со туринг возила (ТЦР) има многу повеќе вакви инциденти, кои воопшто не се санкционираат, но им носат штета на возачите, особено од приватните екипи. Додека лани инженерот на Иџе, во интервју за нашиот магазин порача дека ТЦР за разлика од ЕТСС има тенденција да стане „креш-дерби“, на повисоко ниво казни се изрекуваат и без да дојде до физички контакт.

Во Формула 1, за време на канадското гран при, Фетел поради невнимание ја загуби накусо контролата на болидот, поминувајќи преку тревната површина. Прашање е дали ваква грешка на нормален автодром (каде што надвор од патеката има асфалтни зони на излетување), би му дала шанса на Хамилтон да го престигне, но во овој случај Луис кој очигледно беше побрз со тврдите гуми, правеше притисок и беше подготвен да нападне. Контакт – немаше! Сепак стјуардите го казнија Фетел бидејќи го поставил болидот на патеката на таков начин, што и Хамилтон морал да оди надвор од патеката, како да бил принуден, односно истуркан.

Претходно, во Монако, Ферстапен го загуби местото на пиедесталот поради тоа што со казната од пет секунди беше симнат од второ на четврто место, бидејќи неговите механичари му дозволиле да излезе од боксот на небезбеден начин, кога имало друг болид на линијата на движење (Валтери Ботас). Спротивно на ова, кога Ферстапен го нападна Хамилтон во финишот од трката, возачот на Мерцедес со доцна реакција мина преку шиканата и мал допир меѓу нив, го „олади“ Холанѓанецот. Сепак, стјуардите решија дека тоа е нормален тркачки инцидент. Во Мото ГП, промената на десеттиот свиок од патеката Каталуња сега значи дека предното тркало може да пролизга. Тоа му се случи на Хорхе Лоренцо, кој призна дека го знаел овој факт, но сепак се обидел да престигне тројца ривали одеднаш. Епилогот е дека сите тројца беа елиминирани во судирот, а неговиот тимски колега Марк Маркез непречено стигна до победата. До моментот на заклучување на овој број на магазинот, стјуардите од Мото ГП немаат изречено казна за шпанскиот мотоциклист. Неговите ривали (Вињалес) побараа да стартува последен на следната трка во Асен.

Заклучокот е дека постојат двојни аршини, не по вина на некој посебен организатор, туку според слободното толкување на регулативата. Ниту стјуардите не се исти на секоја трка, иако за разлика од порано, сега има перманентен состав на стјуарди за цела сезона и постои поголем континуитет и стабилност во нивните одлуки. Секоја одлука што ќе биде на штета на шоуто, мора да биде ревидирана. Кога ФИА вети дека ќе има поранешни возачи меѓу стјуардите, вети дека ќе ангажира легенди, и навистина на почетокот се појавија имиња како Најџел Менсел. Сега, во кабината за контрола на трката можат да се сретнат Емануел Пиро или Марк Бландел, кои заедно комбинирано немаат еден пласман на подиумот. Можеби тие имаат погодно „си-ви“ за вршење на оваа дејност, но реакциите на публиката укажуваат дека тоа не е она што треба да биде.

Изборот на казни мора да биде ревидиран, исто така. Иако на хартија постои конзистентност, во двата последни случаи беа доделени „пет секунди додаток“, стануваше збор за различен тип на инциденти. Небезбедното враќање на патеката на Ферстапен во однос на Ботас – не беше прашање за прво место во трката. Наспроти тоа, конатктот на Хамилтон и Ферстапен за прво место – беше оценет како тркачки инцидент.

Со случајот на Фетел, во борба за прво место, беше дадена казна која може да влијае на распоредот, а со тоа и на шоуто. Правдата е слепа, ако некој напише извесно правило, тоа значи дека секој што е виновен мора да биде казнет, но толкувањето на виновноста е повторно човечки фактор. Сосема на крајот, дури и да постои доказ дека наводно Фетел врти во десно за да го блокира Хамилтон, како што се шпекулира со податоци од телеметријата, постои контра теза дека тоа е „давање контра“, мошне познат метод за корекција на тркачки возила.

Да не се разбереме погрешно, казни мора да има, ама нивниот спектар мора да биде доразработен. Ако еден возач издржал цела трка од почеток до крај на прво место, никој не го престигнал, а во инцидентот најголемата штета оди на негово конто, тогаш некој треба да се замисли.

 

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.