ВО ПРЕСРЕТ НА НОВИТЕ ПРАВИЛА СО КОИ ЌЕ БИДЕ ДЕФИНИРАНА ТЕХНИЧКАТА СТРАНА НА ТРКИТЕ ОД СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ФОРМУЛА 1, ЗАБЕЛЕЖЛИВ Е ЗГОЛЕМЕНИОТ ИНТЕРЕС НА АМЕРИКАНСКИ КОМПАНИИ ДА БИДАТ ПОВРЗАНИ СО НАЈГОЛЕМИОТ СВЕТСКИ „ЦИРКУС НА ЧЕТИРИ ТРКАЛА“
Американскиот тим во сопственост на тркачката фамилија Андрети, откако ги стекна првите интернационални искуства преку светското првенство во Формула Е, сега ги насочува своите планови и кон Формула 1.
Легендарниот светски првак Марио Андрети ја освои шампионската титула во Формула 1 во далечната 1978 година, како возач на Лотус, но со американско државјанство и покрај недвосмисленото италијанско потекло, во пределите кои што по втората светска војна и припаднале на поранешна Југославија (Истра). Неговите синови и внуци, исто така, се прославија како возачи во Индикар трките, а денешниот шеф на оваа тркачка организација Мајкл (Микеле) Андрети, своевремено му беше тимски колега на Аиртон Сена во Мекларен во 1993 година. Нивниот интерес за градење тим во Формула 1 беше шпекулиран низ медиумите во повеќе наврати, а конечно е официјално потврден и од страна на тимот, но и од страна на спонзорот, некогашниот светски лидер според глобалната продажба на автомобили, Џенерал Моторс (ГМ). Станува очигледно дека блиските концепти промовирани досега низ Формула Е и Формула 1 мораа да бидат оддалечени и фабриките да го пронајдат својот интерес во овие таканаречени подвижни лаборатории. Веќе се знае дека од 2026 година во Формула 1 ќе се користи исклучиво гориво од биолошко потекло, со што моторите со внатрешно согорување нема да бидат испратени во музеи, туку ќе добијат нова шанса со хемиски произведеното гориво кое што ќе биде еколошки прифатливо и одржливо. Оттука не е чудо што покрај веќе најавеното вклучување на групацијата Фолксваген преку брендовите Ауди и Порше, во Формула 1 се зголемува бројот на автомобилски фабрики покрај досегашните староседелци од типот на Ферари, Мерцедес и Рено. Се чини дека постојат сериозни размислувања во ова друштво да се приклучи и вториот американски гигант, Форд, којшто е најблизок во преговорите со Ред Бул. Оваа екипа направи успешна транзиција градејќи свој погон за изработка на Ф1 мотори, откако ја испочитува желбата на Хонда да се повлече од нивното партнерство, а сепак моторите да продолжат да се користат во најгледаните светски трки. Фактот што промоцијата на Ред Бул е закажана на 3-ти февруари токму во Њујорк можеби има допирни точки со шпекулациите за поврзување со Форд, но дури и да нема јасно е дека оваа екипа е во потрага по партнер којшто ќе може да ја користи технологијата што во овој момент се користи во нивниот тим. Досега Ред Бул немал пракса да го промовира болидот во САД, па затоа со нетрпение се очекува расплетот од оваа приказна.
Борбата за зачувување на човековата околина очигледно преоѓа во нова фаза и на секој општествено одговорен конструктор ќе му бидат потребни сознанија околу конструирањето на возила со соодветен погон за иднината. Добро е што Формула 1 ќе биде промотор на овие зелени технологии, а уште повеќе радува фактот што во тој тренд се вклучуваат и американските компании кои што досега се држеа настрана и не беа премногу заинтересирани за идеите кои што доаѓаа од Европа. Се насетува поубава иднина за човечкиот род, а во овој момент може само да се внимава како да не се наруши спорт- ската страна и тркачкиот спектакл да продолжи да „грми“ и да претставува добро шоу за публиката ширум светот.