Откако на крајот од минатиот месец Киа официјално објави неколку фотографии (во сенка) со цел да ја заинтересира светската јавност за доаѓањето на новиот „спортаж“, конечно деновиве без затемнувања и без маскирања објави фотографии од најновата петта генерација од нејзиниот претходно спомнат „сув“.
Според првичните известувања, обликот е правен во соработка на сите дизајнерски студија низ светот: кинеското, американското, домашното студио и тоа од континентов. Од сè и од сите по малку и на крај го гледате резултатот од приложените фотографии. Обликот како што забележувате е повеќе аглест отколку заоблен. И внатрешноста е сосема нова, посебно се нагласува дигиталната табла со инструменти и дополнителниот 12,3 инчен екран. Покрај ова објавено е и следново, уредите за општење имаат способност да работат со андроид и епл програма.
Киа во своето прво обраќање до јавноста не објави никакви спецификации за возилото, ниту димензии, ниту палета од мотори, а уште помалку дали има нешто ново во основата на возилото, односно платформата и како се обесени тркалата. Се претпоставува ќе има позајмување на погонските единици од моделот „туксон“, а должината на новиот „киа спортаж“ ќе биде 4,5 или малку над 4,5 метри. Остатокот од информациите ќе бидат објавени следниот месец за време на светската премиера.
Жарко Атанасоски