„Кага кама“ во Јужна Африка-УЖИВАЈТЕ ВО ЛУКСУЗ СРЕДЕ ПУСТЕЛИЈА

10/09/2022

РЕСОРТОТ „КАГА КАМА“ СЕ КАРАКТЕРИЗИРА СО ЛУКСУЗ И ПОКРАЈ ТОА ШТО СЕ НАОЃА СРЕДЕ ПУСТЕЛИЈА, ВО ПЛАНИНСКАТА ОБЛАСТ ЦЕДЕРБЕРГ БЛИЗУ КЕЈПТАУН, ЈУЖНА АФРИКА. ТАМУ ВЛАДЕЕ ЦЕЛОСНО СПОКОЈСТВО, А КАТАРЗАТА Е НЕИЗБЕЖНА, САМА ПО СЕБЕ

 

Доколку не можете да ги поднесете температурните промени и разлики, ако се чувствувате преморено, доста ви е од сè, од силните притисоци на работа, од преоптовареноста, доколку ви создава нервоза и самата помисла дека нема шанса да ја постигнете целта што сте ја поставиле како приоритет, заради бремето, а сакате возбудлив живот бидејќи авантуризмот ви е во природата, отпатувајте во „Кага кама“, без оглед на местоположбата и далечината. Не двоумете се ако имате можност, а причината е јасна: таму владее целосно спокојство  катарзата е неизбежна, сама по себе.

ЗАСТРАШУВАЧКО ОПКРУЖУВАЊЕ, НО САМО НА ПРВ ПОГЛЕД

„Кага кама“ важи за луксузен ресорт, кој се наоѓа во планинската област Цедерберг близу Кејптаун, Јужна Африка. Далечината не смее да ви биде изговор ако навистина сакате да го посетите. Летот нема да ве чини скапо доколку направите резервација навреме. Истото важи и за престојот. Денес интернетот ги олеснува работите, доволни се само неколку минути. Впрочем, така функционира сè. Странците на пример своите патувања ги планираат неколку месеци однапред. Нема сомневање, можете да отпатувате кога сакате, бидејќи тамошната просечна температура на воздухот е 25 Целзиусови степени. Ноќите се поладни, но во „Кага кама“ ќе ве згреат амбиентот, атмосферата, опкружувањето, кое изгледа по малку застрашувачко, но само на прв поглед. Ресортот е сместен на височина, претежно карпеста, обрасната со ендемски видови растенија. Такви се и животните, кои слободно шетаат во резерватот што се протега на површина од петнаесет илјади хектари. Антилопите се во најголем број, но и присуството на гуштери, желки, зебри, змии, колибрија, лисици, скорпии не може да се занемари. Едноставно имате чувство како да сте на сафари. Навидум е пустелија и покрај сета убавина. Секој гостин може да го избира местото каде што ќе преноќува, под ведро небо или во пештерните апартмани или во колибите направени по теркот на Бушманите. Дури може и да се кампува во шатор, приколка. Изборот навистина е многу голем, само треба волја, желба.

СЛИКИ НА ФАНТАЗИЈАТА ИЛИ РЕАЛЕН СВЕТ!?

Ресортот, кој во исто време е и резерват, ги има сите удобности што се неопходни за добар помин. Го посетуваат гости отсекаде, од сите страни на светот. Повеќето се авантуристи, луѓе што сакаат возбудливи необични доживувања, несекојдневни случки. Дури и сопствениците на „Кага кама“ им се придружуваат на пикниците, кои често ги организираат, а опфаќаат прошетки до насликаните пештери од малобројната група номади што имаат низок раст, најмногу до метар и пол, до врвот на карпестиот терен, кој служи како видиковец, каде што погледот на долината го зема здивот, особено приквечер, на зајдисонце, кој повеќе личи на визум (претстава, слика на фантазијата) отколку на реален свет. И ноќе, кога темното небо е начичкано со безброј ѕвезди. Патем се одржуваат и релија, со мотоцикли на четири тркала, со џипови и велосипедски трки, но и лов на влечуги што се приготвуваат во ресторанот, по желба на ловците. Заради безбедност, придружбата на професионалец е задолжителна. Исто така, има и базен и спа-центар, за релаксација по напорниот ден, кој го покачува адреналинот. Вечерната дружба покрај огнот е нешто посебно, во духот на заедништвото. Во „Кага кама“ сè има своја приказна.

Целта на престојот е гостите да ја спознаат вистината, дека животот нема реприза, дека треба да се ужива во секој момент, да се впива сè што буди пријатно чувство, за долго сеќавање. Дури и луѓето чија тврдокорност не се покорува на романтичната природа се изненадуваат од себеси, од самата промена која ја доживуваат. Го нема веќе рамнодушниот поглед на ѕвезденото небо. Се претвора во креативен восхит. А, организацијата е толку добра што многумина се одлучуваат за таму, во ресортот и резерватот, клекнати на карпите што личат на скулптури, да ја запросат нивната љубов. Се разбира, конзервативизмот е присутен и таму. Не изостануваат ни венчавките, свадбените веселби, дури и роденденските прослави. Но, се одржуваат и конгреси и семинари и тим билдинзи. Комплетноста на впечатокот е сигурна, неоспорна. Гостите ја потврдуваат и често доаѓаат повторно.

ИЗГРЕЈСОНЦЕ – НЕГОВИОТ БЛЕСОК Е БУДИЛНИК

Ноќевањето на отворено, без покрив над главата, ако има услови за тоа, е еден од адутите на ресортот, идеално за љубовни двојки, за меден месец. Брачниот кревет се става на дрвена платформа, меѓу карпите. Предниот и страничниот дел од импровизираната спална се отворени, заради погледот. Всушност, местото го избираат гостите. Го уредуваат по своја желба, некогаш и го декорираат во зависност од поводот за кој доаѓаат. Причините се различни, како што веќе споменавме. Меѓу другото, има и мијалник и огледало и фотелји. Некои од нив се опремени со камени базенчиња, кади. Од пешкири до газиени ламби, нема што нема. Со цел да се разбие монотонијата, навечер се пали оган, се пие шампањ со нешто деликатесно. Наутро се служи појадок во кревет. Будилник е, секако, изгрејсонцето, односно неговиот блесок. Не помалку атрактивни се и пештерните апартмани. Ѕидовите се варовити, како и почвата околу. Таванот изгледа како надвисната карпа. Ги имаат сите погодности, од бања, тоалет и убав француски кревет до тераса, совршена за медитација, делумно и поради визурата.

Дворот е карпест, облагороден. Благодарејќи на цветната леа, изгледа преубаво. Цвеќињата се автохтони, секако. И колибите направени по теркот на т.н. луѓе од грмушките (Бушмани) го привлекуваат вниманието на гостите. Иако се мали, непроценливо богатство е престојот во нив. Може и да се кампува, но се избегнуваат метежи за мир на гостите, тишина. Освен првокласен ресторан, во рамките на ресортот има и базен и голф-плац (мини) и спа-центар и спортски аеродром. Сепак, ресортот во исто време е и резерват. Но, бидете опуштени речиси нема никаква опасност да дојде до инцидент, непријатна случка. Неколкуте набљудувачи, вооружени до заби, дискретно ја вршат работата, без да ги вознемират посетителите, дури и во случај да забележат нешто чудно, неочекувано. Преземаат сè за гостите да се чувствуваат безбедно, убаво.

ВИСОКИ ЦЕНИ ЗА ЖИВОТ НА ВИСОКА НОГА

Заштитата од коронавирусот е приоритетна и во „Кага кама“. Не се запоставуваат ни мерките, а протоколот е сè уште задолжителен. Но и натаму е привлечен за туристите. Уплатите за престои во ресортот во декември, зиме и напролет се почнати а, исто така, и резервациите. Последниот, дванаесеттиот месец во годината е најскап, тогаш започнува сезоната. Ноќевање за еден, со дегустација на вина и сирења, вечера (три вида јадења) и обилен појадок, чини од 2.490 ранди (околу 9.100 денари), па нагоре. Цената на неколкучасовна екскурзија во околината, со џип е 420 ранди (приближно 1.530 денари) по лице, до крајот на јануари. Во зимските месеци (од 1 мај до 31 август) на пример, ноќевање со обилен појадок чини 1.220 ранди (околу 4.450 денари) за еден, останатото се доплатува, за триесет минутна дегустација на вина и сирења  100 ранди (точно 365 денари), за четириесет и петминутна масажа 450 ранди (околу 1.640 денари). Цените се качуваат во пролет. Од 1 септември до 30 ноември, еднодневен престој (ноќевање за еден, со вечера три вида јадења и обилен појадок) чини од 2.243 ранди (приближно 8.190 денари), па нагоре. Тогаш има повеќе активности, за сите возрасти. Пензионерите се привилегирани, а попустите изнесуваат дури 45%, од 1 септември до 30 април. Цената на ноќевање и појадок е 1.469 ранди (околу 5.360 денари), а вечера, ноќевање и појадок чини 1.645 ранди (околу 6.000 денари) по лице. Цените се движат нагорно. Меден месец во младоженски апартман, со шампањ за добредојде и мала закуска, пикник, масажа на врат и грб, екскурзија, вечера (три вида јадења) исполнети со романтика, чини 6.730 ранди (приближно 24.560 денари) за обајцата, од ден. Рабатот е вообичаен, тој се подразбира. Секако, изборот е огромен и кога се активностите во прашање. Како што велат, секоја идеја, замисла е остварлива.

Впрочем, „Кага кама“ постои за гостите, нивните задоволства, дури и хирови, за повторно да го посетат ресортот, кој важи за еден од најпознатите во Јужна Африка.

РАЗВОЈНИОТ ПАТ НА „КАГА КАМА“

Ресортот постои веќе триесет години, можеби и повеќе. Непрестајно се надградува, без притоа да се наруши природната хармонија. Питер и Вили де Вал, заедно со Питер Лубзер, во 1986-та ги купиле „Кага кама“ и трите околни фарми со вкупна површина од петнаесет илјади хектари. Во наредната, 1987 година изградиле куќарка. Одвреме-навреме ги посетувале блиските пријатели, кои се воодушевувале од чистотата на воздухот, од убавината, од тишината, од мирот. Откако сфатиле дека ќе има голем интерес и посетеност, доколку се облагороди, решиле да направат резерват. Во 1988-та ги донеле првите антилопи. Но чистата вода била повеќе од неопходна. Затоа следната, 1989 година поставиле големи цевки за довод на вода. Денес „Кага кама“ е една најбараните туристички дестинации во Јужна Африка, која навистина вреди да се посети, ако финансиите го дозволуваат тоа. Сезоната почнува во декември, тамам да размислите.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.