ПОКРАЈ МОТОЦИКЛИТЕ СЕГА НА СЦЕНА ДОАЃААТ И АВТОМОБИЛИТЕ, НО НЕ ОБИЧНИТЕ ТУКУ СТАРОВРЕМСКИТЕ ШТО ИМААТ НАЈМАЛКУ 30 ГОДИНИ. УБАВА ИДЕЈА ЗА ЕДЕН ПОИНАКОВ ПРИСТАП КОН ХУМАНОСТА И ТОА НЕ НА ЛОКАЛНО, ТУКУ НА СВЕТСКО НИВО. И ДА НЕ ЗАБОРАВИМЕ ДЕКА ЕДЕН ОД ДВАЈЦАТА ЗАЧЕТНИЦИ И ОРГАНИЗАТОРИ НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА ДГР И ДГД Е МАКЕДОНЕЦ КОЈ ЖИВЕЕ И РАБОТИ ВО АВСТРАЛИЈА
Сега ќе се осврнеме на старите автомобили што исклучително се почитуваат. Оние што реставрирале стар автомобил и го вратиле неговиот некогашен сјај, многу добро знаат за какво почитување станува збор. Благодарејќи на сопствениците на старовремските автомобили публиката има можност одвреме-навреме да види многу убави нешта на четири тркала.
Десет години наназад последниот викенд во октомври е одреден за одржување на парадно возење на мотоциклите, „класичарите“, никако брзински, а меѓу нив понекогаш има вистински реткости на две тркала. Тоа беше и сe уште е своевиден настан привлечен за сите генерации. Покрај класиката на мотоцикли има што да се види и кај мотоциклистите – дел од нив се облечени во гардероба од иста година како и нивните машини. Убав настан и можност на едно место да се видат толку голем број „класичари“. Овој вид собир се организира низ целиот свет и тоа во ист ден. Првпат собирот е одржан во Австралија, а организатори се Македонецот Мики Стојчевски со привремен престој во Австралија и Марк Хава.
Целта на овој собир е да се помогне во борбата против канцер на простатата. Секој учесник дава доброволен прилог од најмалку 1.000 денари (20 долари) што се наменети за фондот, а потоа се распределуваат во лабораториите што се работат на наоѓањето лек против оваа опасна болест.
Манифестацијата е наречена „Избрани дами и господа возат мотоцикли“ (во слободен превод), а од неодамна се одржува таков собир со автомобили и има слично име „Избрани дами и господа возат автомобили“ (слободен превод). Ако за учество во мото собир е потребен класичен мотоцикл, друштвото на четири тркала бара возилата да бидат олдтајмери, односно постари од 30 години. Бидејќи собирот на мотоциклистите е преместен за напролет, есенскиот датум им е доделен на олдтајмерите.
Собирот со старовремските автомобили првпат е организиран и помина во одлична атмосфера, а место на настанот беше паркиралиштето пред хотелот „Александар Палас“. Правилата за учество на собирот не се строги и затоа видовме некои варијации на темата, спој на старото со новото – автомобил стар повеќе од 30 години, но со неоригинални делови, на пример, поинакви светлосни групации, крила, поинакви издувни елементи итн. Правилата во светот се јасни, секој автомобил мора да има исклучително оригинални делови, а не слични и несоодветни.
Иако бројот на учесниците и посетеноста не беа на посакуваното ниво, сепак организаторот беше задоволен од настанот со оглед на тоа што ова е прв собир од ваков вид.