Интервју со Игор Стефановски Иџе-ПОСАКУВАМ ДА ИМАМЕ ТРКА ВО МАКЕДОНИЈА

15/02/2023

ВРАЌАЊЕТО НА РИДСКИТЕ ПАТЕКИ МУ ДОНЕСОА НОВИ ПОБЕДИ И РЕКОРДИ, ИАКО ТАМУ ЗАМИНА СО АВТОМОБИЛ КОЈ НЕ БЕШЕ КОНКУРЕНТЕН И ДОКАЖАН КАКО ВО ПРЕТХОДНАТА КАМПАЊА

 

Зимската меѓусезона во Македонија традиционално е оптоварена со финансиските неизвесности и ги блокираат плановите на многумина спортисти, а автомобилистите се меѓу оние кои се најпогодени бидејќи во сезоната темпото се зголемува кон крајот на март и првите трки се возат во раната пролет. Поради таквата клима секогаш е тешко да се даде јасен и прецизен одговор, без притоа да се ускрати приликата за да се информира публиката за следните настапи.

Во слична ситуација е и Игор Стефановски Иџе, поранешен двократен европски првак на ридски патеки, кој целосно е вложен во светот на трките и не крие дека силната конкуренција е она што го мотивира. Цела деценија наназад ја „прошара“ Европа и го развеа македонското знаме на многу познати, дури и култни места (автодроми), каде што славеле големите светски асови, а во ова интервју открива дека има „апетит“ за уште дуели со европската елита.

АМСМ КЛУБ МОБИЛИТИ: Минатата година реши да им се вратиш на трките на ридски патеки. Имаше ли посебни мотиви за такво нешто?

Игор С.Иџе: Постојат за тоа неколку големи причини. Секако дека една од нив е фактот дека тоа е дисциплина која во минатото ме истакна. Точно таму ги имам постигнато најголемите успеси во кариерата. Од друга страна, по неколкуте тешки години во трките на кружни патеки ми беше потребно, на некој начин, да се проверам самиот себе и да видам кое е моето сегашно ниво. Остварив неколку победи во трка, соборив неколку рекорди на патека, и можам да констатирам дека враќањето ми помогна повторно да ја зацврстам својата самодоверба, да знам дека оној Иџе што сите го запознаа пред десетина години сè уште е тука и сака да се трка.

АМСМ КЛУБ МОБИЛИТИ: Го освои второто место во категоријата, а беше на делба на првото во својата група. Какви беа плановите, што вели анализата на крајот?

Игор С.Иџе: Правилата беа видно изменети во однос на претходните години кога настапував и во случајот главен е таканаречениот „перформанс фактор“. Ние искрено отидовме да се натпреваруваме со автомобил кој претходно го возев на кружни трки и не беше наменски подготвен за ридски трки, како што беше во претходната кампања. Од трка во трка, дознававме работи, што може, а што не може, едноставно отворивме „четири очи“ и ја снимивме конкуренцијата. На тој начин успеавме да се приспособиме и на крајот да дојдеме до ситуација повторно да се бориме за шампионската титула во Европа, но реално задоволен сум и со второто место бидејќи е остварено на многу поинаков начин од она што сум го постигнал во минатото. Мислам дека имавме добра шанса да ја освоиме и титулата, но во спортот секоја грешка скапо се плаќа и тоа влијаеше на нашиот конечен пласман.

АМСМ КЛУБ МОБИЛИТИ: Дали тоа значи дека имаш незавршена работа и дека годинава остануваш во истото првенство?

Игор С.Иџе: Во овој момент вистината е дека сè уште немам донесено конечна одлука, но таа ќе мора да биде донесена до крајот на февруари или почетокот на март. Европското првенство на ридски патеки бара нешто помал буџет отколку трките на кружни патеки, но од друга страна календарот е таков што има 12 натпревари и потребни се големи отсуства и долги патувања. Само на почетокот од сезоната за да учествуваме на првите четири трки треба да не се „прибереме“ дома два и пол месеци. Тоа се далечни дистанци, во Франција, Шпанија, Португалија и така натаму, што има своја тежина. Свесен сум дека годинава ќе бидам многу подобро подготвен и ќе го приспособам автомобилот уште подобро и тоа е она што ме охрабрува да останам и да повторам дел од моите најголеми успеси.

АМСМ КЛУБ МОБИЛИТИ: Кои се другите опции? Какви се размислувањата?

Игор С.Иџе: Во минатото настапував во првенството ТЦР Европа и во првенството ТЦР Италија, поради што и најмногу размислував за враќање во тие серии. Факт е дека ако го возам првенството на ридски патеки ќе го користам досегашното возило Хјундаи, но ако одам на кружни патеки морам да бидам подготвен дека ќе треба да возам друго возило и да имам поголем буџет. Поради тоа што и во двете првенства веќе ме познаваат, имам добри и конкурентни понуди од екипите со кои соработував во минатото, но мора да сочекам и за евентуален таков потфат најпрво да ја обезбедам финансиската конструкција. Тоа е нешто што ми создава проблеми со години наназад бидејќи ваквите трки неминовно водат до големи трошоци и постојано треба да се инвестира во автомобилот, во неговите надградби, во резервни делови, во осигурување итн. Имам уште малку време и ќе се обидам да ја донесам вистинската одлука согласно буџетот што ќе го имам на расаполагање.

АМСМ КЛУБ МОБИЛИТИ: Дали можеби си размислувал за првенството ТЦР Источна Европа?

Игор С.Иџе: Да, морам да кажам дека и тоа првенство го имав предвид во периодот меѓу двете сезони. Дојдов до заклучок дека трошоците би биле речиси идентични како и кога се натпреваруваш во сериите од повисок ранг. Автомобилот и резервните делови имаат цена која што не се менува зависно од тоа каде ќе се натпреваруваш. Разликата е дека на ридски патеки имаме дванаесет трки, додека во првенството на кружни патеки имаме шест гран при викенди, па помалку се троши за патување, но повеќе се инвестира во возилото по секоја извозена трка. Мојот инженер Мирослав Растовиќ беше загреан за идејата да го возиме првенството на Источна Европа, но јас повеќе би сакал ако се враќам на кружни трки тоа да биде во највисокото европско првенство.

АМСМ КЛУБ МОБИЛИТИ: Во едно од претходните интервјуа изјави дека секогаш сакаш да се бориш против најдобрите, и дека само силната конкуренција те мотивира. Како ја оценуваш сегашната состојба на европската сцена, постои извесна смена на генерации во однос на она што беше пред 6-7 години кога ти се натпреваруваше против Микел Аскона, кој минативе две сезони ги освои и европската и светската титула?

Игор С.Иџе: Факт е дека има промени меѓу возачите и дека во Европскиот шампионат сега доаѓа до израз една нова генерација. Мислам дека не е проблем дека повозрасните возачи не знаат повеќе да возат или дека не сакаат да се натпреваруваат на врвно ниво, туку дека сите тие докажани имиња имаат проблем да најдат средства. Седиштата во конкурентните екипи се бројат на прсти, а сите останати мака мачат со финансиите. Она што го правиме ние ја докажува нашата голема љубов за спортот, за трките, бидејќи самите ги собираме сите камчиња од мозаикот за да можеме да го организираме нашиот настап, додека големите ѕвезди не го прават тоа. Микел е добро момче и ова се „неговите пет минути“, имам голема почит за него, навистина е брз возач. Јас видов во меѓусебните трки дека можам да му парирам, иако многу ретко се случува да имаме идентични автомобили со ривалите, да бидат подготвени на исто врвно ниво и да можеме да се споредиме на подобар начин. Еднаш во ТЦР Италија стартувавме трка, тој како прв и јас како втор, но иако го престигнав, бев казнет за наводно преран старт. Верувам дека неговиот напредок е голем, но чувствувам дека не сум го кажал последниот збор и копнеам за нова шанса да седнам во конкурентно возило и да го дадам својот максимум. Верувам дека во моментов освен Аскона нема други големи таленти, па би оценил дека актуелната генерација не ја сметам за толку силна како претходната со Тарквини, Фајлс, Таши, Борковиќ, Џовинарди и другите, односно дека имам верба во себе за нови блиски дуели со европската елита.

АМСМ КЛУБ МОБИЛИТИ: Што се случува со трките на домашен терен, дали ќе те видиме наскоро на некоја трка во Македонија?

Игор С.Иџе: Ја следам ситуацијата и искрено посакувам наскоро да имаме трка овде. Единствено е битно доколку таков настан се организира да не се поклопи во ист викенд со некој од настаните во првенството каде што ќе настапувам. Имам голема желба да возам на трка во Македонија и дефинитивно ќе направам напор да учествувам во неа пред домашните навивачи. Таквите трки секогаш ми биле многу драги и задоволство е да ги израдуваш навивачите.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.