Интервју со Ерхан Јајовски-МАКЕДОНСКАТА ХИМНА ЕЧЕШЕ НА СПА ФРАНКОРШАМП ЗА ШАМПИОНОТ ЕРХАН ОД РЕСЕН

26/05/2021

СВЕТОТ НА ТРКИТЕ ИМ Е ИНТЕРЕСЕН НА МЛАДИТЕ КОИ ЈА САКААТ ВОЗБУДАТА, БРЗИНАТА И НАТПРЕВАРУВАЊЕТО. СЕПАК, МАЛ БРОЈ НА ЛУЃЕ МОЖАТ ДА СИ ДОЗВОЛАТ ДА СЕ НАТПРЕВАРУВААТ ВО ВИСТИНСКА СМИСЛА, БИДЕЈЌИ ТРОШОЦИТЕ ЗА ТОА СЕ МНОГУ ГОЛЕМИ, А ВО ПОВИСОКИТЕ КАТЕГОРИИ СЕ МЕРАТ И СО МИЛИОНИ ЕВРА. УТЕХА СЕ ТАКАНАРЕЧЕНИТЕ Е-СПОРТОВИ, ИЛИ ВИРТУЕЛНИ ТРКИ, НО ВО НИВ КОНКУРЕНЦИЈАТА Е ИЛЈАДА ПАТИ ПОГОЛЕМА. НО, ТОА НЕ ГО СПРЕЧИ РЕСЕНЧАНЕЦОТ ЕРХАН ЈАЈОВСКИ ДА СТИГНЕ ДО КРЕМОТ НА „СИМ РЕЈСИНГОТ“ И ДА ПОКАЖЕ ВОЗАЧКИ КВАЛИТЕТИ КОИ МОЖАТ ДА МУ ДОНЕСАТ И СЕДИШТЕ ВО ВИСТИНСКИ БОЛИД!

Клуб Мобилити: Раскажи ни како се вплетка во виртуелните „сим трки“?

Јајовски: Почетоците ми се некаде уште од раните години, кога бев дете 9-10 години. Уште тогаш бев голем фан на мотоспортот, омилена тркачка серија ми беше Формула 1 и играв доста игри поврзани со тоа. Ама сè тоа беше само забава и како хоби, ништо сериозно, сè до крајот на 2018 и почетокот на 2019 година, кога што имав првиот настан на професионално е-спорт ниво. Во тоа време не бев дел од професионален е-спорт тим, па заедно со други индивидуалци кои ги запознав на платформата „rFactor 2“, формиравме наш тим, „Team Vires“. Тоа ни помогна да се квалификуваме за тимските турнири, кои што се организирани од професионалните организации кои го промовираат е-спортот.

Клуб Мобилити: Значи по нешто повеќе од 10 години искуство со разните игри, се вклучи во е-спорт турнирите на меѓународно ниво?

Јајовски: Турнирот беше организиран од „ESL“, еден од најголемите организатори на е-спорт турнири, поточно „ESL“ од Шпанија. Тоа беше турнир на кој требаше да се вози во различни автомобилски тркачки категории, од ФИА ГТ3 до симулации на трки со едноседи. Финалето се одржуваше во зградата на MSi (Motor & Sport institute of Spain). Јас станав најдобар возач во регуларниот дел од сезоната со најмногу победи и пол позиции, а во финалето како тим завршивме на четврто место. Тоа за мене беше незадоволително, земајќи го предвид нашиот перформанс од регуларниот дел. Влегов мотивирано во втората сезона на натпреварувањето, по што повторно станав најуспешен возач во регуларниот дел од сезоната, но екипно пак завршивме на 4-то место во финалето. Овој пат финалето се одржуваше во Малага, за време на „Gamepolis“, тоа е како фестивал за видео игри.

Клуб Мобилити: Тие два настани ти ги отворија вратите и за други турнири, на кои подоцна се прослави?

Јајовски: Во јули 2019 година имав прилика да учествувам во натпреварување што се одржуваше за време на трката „24 часа на Спа Франкоршамп“, за автомобили со ГТ3 хомологација. Тоа беше во организација на самата промотерска куќа што ја организираше вистинската трка, а нè додаде и нас со „сим трка“. На неа возев индивидуално (спринт трка од еден час), и го освоив првото место. Успехот беше дотолку поголем, бидејќи таа виртуелна трка беше организирана за аматери, за луѓе од дома и за професионалци по покана. Во полуфиналето, јас бев меѓу најдобрите 4 од оние кои се пријавија од дома, по што влегов во финалната трка против сите други победници од другите категории, вклучувајќи ги и оние од „про“-категоријата. За учество на таа трка не собраа сите во Белгија, и веднаш по крајот на истата се качив и на победничкиот пиедестал каде што беше интонирана химната на Македонија, што беше специјален момент за мене!

Клуб Мобилити: Твојот индивидуален успех ти отвори пат и во едно американско реално шоу!?

Јајовски: После овие натпреварувања, кон крајот на септември 2019 година, преку платформата „rFactor 2“ успеав да се квалификувам за натпреварувањето „World’s Fastest Gamer 2“, кое беше комплетно снимено и емитувано како своевидно реално шоу. Квалификациите ги возев од мојот дом во Ресен, со што влегов во финалето како еден од двајцата најдобри. Останатите осум беа директно поканети од организаторот. Како на сон, добив по пошта билети за авион до Лас Вагас, и таму целата приказна започна со снимање на еден локален автодром, на кој што имавме можност да возиме со вистински спортски егзотични автомобили како што се Ферари 488, Порше 911 ГТ2, Ламборгини Хуракан. Потоа заминавме за Калифорнија, каде што ги запознавме и возилата со кои се натпреварувавме во реални околности на тркачка патека. Тоа беа куп возила, кастомизирани за оваа пригода. Организаторите имаа замислено сите да бидат со идентични перформанси, а за мене тоа беше првото вистинско искуство на вистинска тркачка патека. Имавме шанса да возиме на три автодроми: приватниот комплекс Термал Клаб, потоа старата патека Вилоу Спрингс, и за крај на легендарната калифорниска патека Лагуна Сека, кај нас позната од Мото ГП шампионатите. Поделени бевме на 2 тима, „портокалови“ и „сини“, а после секое еднодневно натпреварување, тие со најбавнито време отпаѓаа, по еден од секој тим. Од петмината во мојот тим „портокалови“ – првиот испадна по натпреварувањето на Термал Клаб, вториот на Вилоу Спрингс, а јас по голема борба, во драматична завршница имав само една десетинка послабо време од ривалите, по што бев елиминиран на Лагуна Сека, и не останав да возам во финалето меѓу четирите најдобри. Тоа ми беше најдрагото натпреварување во кое што сум учествувал. Го има целиот серијал за гледање на платформата „Amazon Prime“, но, достапен е само за гледачи во Америка. Целиот настан заврши со заедничко возење на рели возило на овална неасфалтирана патека, со возило кое имаше моќност од 800 коњски сили!

Клуб Мобилити: Во твојата биографија имаш прокнижено и соработка со Ф1 тимот Мекларен?

Јајовски: После „World’s Fastest Gamer 2“, имаше натпреварување организирано од Мекларен кое беше насловено како „McLaren Shadow Project“, на кое, исто така, успеав да се квалификувам. Процесот на квалификувања во овие натпреварувања варира. Некои се по пат на постигнување најбрз круг во одреден временски период, на пример една седмица. Така поставената платформа им овозможува на заинтересираните од цел свет да се испробаат и да успеат да направат напредок по извесен период на тренинг. На крајот, најдобрите 20 времиња се квалификуваа за учество во финалната трка за оние кои што се квалификувале преку платформата „rFactor 2“. Само победникот од таа финална трка се квалификуваше за учество во проектот на Мекларен, но имаше уште четири други возачи кои избориле место преку други платформи. Јас победив на нашата трка и влегов меѓу петтемина избрани. Таму се натреварувавме во четири различни виртуелни трки, потоа и физички вежби, и на крајот имавме возење на автодром , и тоа на оној познат од култната емисија „Top Gear“, поранешниот воен аеродром Дансфолд во Велика Британија. Тоа возење беше изведено со супер-автомобилот на Мекларен 570S GT4. Го освоив второто место, и тоа за првпат се изненадив, бидејќи ме победија во виртуелните трки, а јас „им ја скршив кичмата“ со возењето во реалноста. Сето ова се случуваше во ноември 2019 година, па верувам дека бев добро подготвен поради претходното учество на настанот во САД.

Клуб Мобилити: Сега си член во тим што е формиран од францускиот пилот Роман Грожан?

Јајовски: Во почетокот на септември 2019 бевме контактирани од страна на „Triple A“ http://3a-sports.com/index.php, агенција која менаџира возачи во светот на мотоспортот, и кои беа заинтересирани да влезат во водите на сим рејсингот и еспортот, па така го потпишав првиот професионален договор со нив. За нив возевме околу 6 месеци, па во април 2020-та не известија дека Роман е заинтересиран за формирање на тркачки тим за „сим рејсинг“, што ќе биде менаџиран од страна на Triple A. И така, подобрите возачи од „Triple A“ потпишавме нови договори со „R8G Esports“. Пандемиската 2020 година ми беше најуспешна како тркачка сезона досега, успеав да освојам речиси сè што можеше, организирано од страна на симулацијата на која што јас возам, „rFactor 2“. Ги освоив двата ГТ шампионата и плус победив на настанот организиран од БМВ каде што возевме виртуелни трки со нивниот модел М2 CS Racing Cup. Поради короната се откажаа многу од вистински настани, па со тоа „сим трките“ добија огромен подем, преку ноќ се зголеми популарноста. Веднаш после влегувањето во тимот на Грожан, го имав и првиот настан за нив во официјалната трка „24 часа Ле Ман – виртуал“. Во таа трка организаторите пропишаа правило најмалку двајца вистински возачи да бидат дел од еден тим, па меѓу учесниците се најдоа Фернандо Алонсо, Џенсон Батон, Макс Ферстапен, Шарл Леклер, Антонио Џовинаци, Рубенс Баричело и други. Јас бев во тим со Даниел Жункадела и Матијас Бехе, а со мене беше и уште еден сим-возач, Ристо Капет. На крајот, освоивме пласман на подиум во ГТЕ класата како третопласирани од 25 екипи.

Клуб Мобилити: Во моментов си актуелен по настапите во виртуелните трките на Формула Е, каде што стартуваше со две победи во две трки. Што понатаму?

Јајовски: И за ова натпреварување имаше квалификации по пат на извозен најбрз круг, каде што најдобрите 3 времиња ќе влезат во шампионатот, јас завршив на второ место и така успеав да се квалификувам. Инаку, во трките учествуваат вкупно 24 возачи, кои освен нас тројца другите беа поканети. Ние добивме покана за еден возач од тимот, но дека сме повеќе души, сите ги возевме квалификации за да пробаме да имаме што повеќе возачи и ете јас успеав. Симулацијата предвидуваше шампионат кој се состои од 6 рунди, јас победив на првите две, па потоа уште една победа во претпослендата, петта рунда. Во финалето се доделуваа двојни износи на поените, па мојот ривал со победа во него успеа да ми ја земе титулата и главната награда.

Клуб Мобилити: Дали ова значи дека сега имаш кариера како професионален возач?

Јајовски: Може да се рече дека тоа е кариера на професионален е-спорт возач, но реалноста е дека тука конкуренцијата е многу силна. Секој ден се појавуваат нови таленти од сите страни на светот и морам напорно да тренирам и да се усовршувам, ако сакам да останам во оваа конкуренција. Посакувам да сум дел од тркачката елита на виртуелните трки и да имам шанса да учествувам на што е можно повеќе натпреварувања и да се обидам да победам во нив. Целта ми е да стигнам да се натпреварувам во живо, ако добијам шанса, но знаеме како е да се заплива во водите на авто-мото спортот, треба тешки финансии.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.