И тие што важеа и сѐ уште важат за „тешка екстраваганција“, почнаа да вградуваат електрични погони. Малку е чудно, тие егзотични направи на четири тркала да се електрифицираат, а каде е нивниот препознатлив звук од моторот со најмалку шест, а најчесто осум и повеќе цилиндри? Зарем заборавивте дека на почетокот кога автомобилите се тркаа беа препознавани не по боите и изгледот, туку по звукот на моторот. Тогашните патеки не беа идеално чисти како денес, туку беа полни со прашина и со што уште нѐ. По неколку извозени кругови тркачките автомобили добивале сива боја од нафатената прашина, така што публиката тешко ги разликувала, но лицата вработени во тимовите ги разликувале по звукот на моторот. Состојбата нагло се влошувала кога ќе паднел дожд, тогаш возачите заедно со тркачките автомобили наликувале на статуи поради калта која се цедела од нив. Но сега состојбата се менува, нема ото мотор, нема звук. Ќе се вградуваат посебни уреди, а возачот ќе бирал каков звук да има неговиот автомобил.
Хиспано Суиза е ретка ѕверка во светот на купе автомобилите. Електричниот погон е вграден во „хиспано суиза, а е наречен „кармен сагрера“. За задвижување на „кармен сагрега“, најновото чудо од Хиспано Суиза, се грижат четири електромотори сместени на задните тркала, односно по еден на левото и еден пар на десното тркало. Нивната вкупна моќност е еднаква на 1.100 КС. Според изјавите на производителот, со овој погонски склоп „кармен сагрера“ постигнува 100 км/ч за 2,6 сек.
Историјата на моделот „кармен“ е следнава. Се појави за првпат во 2019 год. со силина од 1.000 коњи. Една година подоцна е претставена изведбата „кармен булоњ“ со 1.100 КС. Моделот „кармен сагрера“ користи нова батерија со која купето изминува околу 480 км. Батеријата е тешка 650 кг и е целосно изработена од Хиспано Суиза.
За оваа изведба од моделот „кармен“ конструкторите наново ја дотерале аеродинамиката и поставиле нов заден спојлер кој многу наликува на штрковите крила, но воедно потсетува и на крилата во заштитниот знак на компанијата. Со подобрената аеродинамика создаден е подобар потпритисок што во превод значи автомобилот е стабилен и при големи брзини, односон сета таа аеродинамика создава дополнителна тежина (потисок) како што се зголемува брзината.
Според главниот во компанијата Серџо Мартинез Кампос, Хиспано Суиза годинава планира да ги покрие сите најважни автомобилски пазари. Досега оваа компанија произведувала само по неколку автомобили во годината, а како со толку мала бројка ќе ги покрие на пример, кинескиот, јапонскиот, американскиот, австралискиот и домашниот европски пазар составен од повеќе важни делови? Моделот „кармен“ од 2019 до 2021 год. е произведен во 19 примероци, а „кармен булоњ“ во само пет примероци и тоа од 2021 год. до денес.
Името на изведбата од моделот „кармен“ е позајмено од една населба во Барцелона, Ла Сагрера, место каде за првпат започнало производството на автомобилите со име Хиспано Суиза. Да потсетиме, основачот на компанијата Хиспано Суиза произведувал електрични автомобили пред 1900 год.