ПОАЃАЈЌИ ОД ФИЛОЗОФИЈАТА ДО КОЈА СЕ ДРЖАТ ВО ЖИВОТОТ, МНОЗИНСТВОТО ИТАЛИЈАНЦИ СО ЧИСТА, МИРНА СОВЕСТ ЌЕ ВИ КАЖАТ ДЕКА ПРАВЕЊЕТО НИШТО, ПОРАДИ ЗАДОВОЛСТВОТО, ПРИЈАТНОТО ЧУВСТВО ШТО ГО ПРЕДИЗВИКУВА, НАВИСТИНА Е УБАВО. ЗА РАЗЛИКА ОД АМЕРИКАНЦИТЕ НА ПРИМЕР, КОИ ЧЕСТО СЕ ИСЦРПУВААТ ОД РАБОТА, ВО ТРКА СО ВРЕМЕТО И ПАРИТЕ, ДОВЕДУВАЈЌИ СЕ ВО ЛОША СОСТОЈБА НА ИСТРОШЕНОСТ
Од трката со времето и парите не се изземаат ни Европејците, вклучувајќи нè и нас Македонците. Живееме како на филмска, магнетофонска лента – забрзано. А тоа, пак, доведува до отуѓување. Сè повеќе се оддалечуваме едни од други. И социјалните мрежи влијаат на него, во голема мера. Особено тука, на Балканот. Некогаш бевме толку блиски, поврзани меѓу себе цврсто, емотивно. Се дружевме, и тоа многу повеќе од сега (во живо, не виртуелно), уживавме во секој момент, сосема поинакви работи нè правеа среќни… Можеби е крајно време да се огледаме наоколу, зошто да не и на Италијанците. Нивниот идиом – долче фар ниенте, кој сигурно нема да го чуете на улица доколку не прашате за него, без оглед на тоа што можат да дебатираат на темата со часови, потенцирајќи ја неоспорната вистина, фактот дека потекнува уште од античкиот Рим, никако не треба да се сфаќа буквално, ниту да се применува така долговремено. Во метафоричното значење всушност е суштината на фразеолошкиот израз. Консеквентно може да трае само кратко време, закономерно.
ФРАЗЕОЛОШКИ ИЗРАЗ ШТО МУ ПРКОСИ НА ПРИРОДНИОТ (БИОЛОШКИ) ЗАКОН
Приспособен кон сегашното време или денешната состојба, како било, поголемиот дел од италијанскиот народ го спроведува во дело со цел да се оттргне од секојдневната борба за опстанок и покрај тоа што е природен (биолошки) закон, ублажувајќи ја. Се разбира, свесно. За да не се доведат во лоша, состојба на истрошеност (брнаут). Во исто време, поради задоволството, пријатното чувство што го предизвикува, неизоставно и големата корист од него, стана и своевиден, препознатлив начин (стил) на живеење – модус вивенди, за кој и Французите имаат соодветен израз – l’art de ne rien faire. Супстанцијално е уживањето во сегашноста, без исклучок – спознавајќи го сетилниот свет.
И покрај тоа што идиомот е прилично стар, прашањето за убавината на правењето ништо го актуализираше Рајан Марфи во филмот „Јади, моли се, уживај“ од 2010-та, заснован врз истоимената книга на Елизабет Гилберт од 2006-та, која точно 199 недели беше прва на листата на бестселери на „Њујорк тајмс“. Главни протагонисти во драмата се Џулија Робертс, Хавиер Бардем и Џејмс Франко. Уште долго ќе си припомнуваме на сцената во која Елизабет си муабети со својот учител по италијански јазик и неговиот пријател во локалната берберница за внатрешната содржина на фразеолошкиот израз, составен од 3 збора: долче (итал. dolce) сладок, фар (итал. far, кратенка за fare) – прави, ниенте (итал. niente) – ништо. Секој идиом е својствен за определен јазик, не може буквално да се преведе на друг, затоа е потребно да се адаптира, т.е. приспособи. Авторизираниот превод на македонски е убавината на правењето ништо.
Во филмот забележливо е и потсмевањето на работохоличните Американци за кои велат дека не знаат да уживаат во животот поради зависноста од работата, мислејќи дека одморот мораат да го заработат, спечалат. За разлика од нив, мнозинството Италијанци сметаат дека го заслужуваат. Контекстот секогаш е потсмешлив, отстапувајќи од нужната сериозност. Исто како и клишираниот израз кој се врзува со насловот на филмoт „Долче вита“ од 1960-та, со Марчело Мастројани, Анита Екберг и Анук Еме. За слаткиот живот ни раскажуваше и Вуди Ален.
УЖИВАЊЕ ВО СЕГАШНОСТА – НАСПРЕМА УВЕРУВАЊЕТО ДЕКА ПОСТОЈАНАТА ЗАФАТЕНОСТ Е ВАЖНА ЗА УСПЕХОТ
Откако се прикажа за првпат, филмот „Јади, моли се, уживај“ не само што воодушеви со својата естетика – формално, туку и суштински. Долче фар ниенте за кратко време се претвори во тренд, начин (стил) на живеење. Но не на глобално ниво. Перманентно нè бомбардираат со пораки дека треба да продолжиме да одиме по вистинскиот пат, без да се прашаме кој е. За среќа, во целата еуфорија се појави нешто што нè потсетува дека треба да забавиме, ако е потребно да направиме и чекор назад и секако, да уживаме во сегашноста – наспрема уверувањето дека постојаната зафатеност е важна за успехот, која може да му направи штета на здравјето. Битно е да паузираме, да се одмораме, да не правиме ништо. На прв поглед можеби ќе ви се чини како непродуктивен, мрзелив начин (стил) на живеење, но сепак не се работи за тоа. Неопходно е одвреме-навреме да се запре, да се одвои време за своите задоволства, кои некогаш се и безначајните работи. Чувството на радост е загарантирано, без да ве гризе совеста дека правите ништо.
Концептуално, сиестата во Шпанија е на иста бранова должина со идејата за долче фар ниенте. Јапонците го практикуваат капењето во планинските, горските води за да се релаксираат, далеку од стресната средина. Поединецот сам го изнаоѓа начинот на кој ќе ù се препушти, во согласност со неговите задоволства, интереси, ќефови… Но и колективната свест има некаква значајност. Низ вековите, голем број писатели, уметници во идејата за убавината на правењето ништо го откривале изворот на вдахновението. На пример, Италијанецот Џовани Пасколи ја опеал во своите лирични стихови за операта „Ил фанчулино“, каде што говори за убавината на безделничењето, лежењето во поле и гледањето во облаци. Францускиот сликар Хенри Матис често се инспирирал од неа, прикажувајќи ги луѓето легнати на софа, миндер… Неговите дела побудувале чувство на смиреност, како и сликите на Англичанецот Џон Вилијам Годвард.
Со развојот на високата технологија, сè повеќе луѓе се соочуваат со тешкотии да се исклучат од секојдневните обврски, често врзани со компјутерите…, препуштајќи му се на денгубењето. Alex SoojungKim Pang во својата книга Rest: Why You Get More Done When You Work Less пишува за придобивката на одморот чие влијание врз креативноста и продуктивноста е особено важно. Затоа, не случајно се залага за смислен, одмор направен со намера. Оддивот ќе ви се исплати неколкукратно. За почеток, фокусирајте се на сегашноста, без оглед на тоа што правите, дали шетате во парк, низ шума, пиете кафе додека го читате овој текст, книга или пак дремете, со чиста, мирна совест. Додека ви мине во навика. Бидете сигурни, пријатното чувство нема да изостане.