Минатата година во месец август малата работилница Гордон Мари Аутомотив претстави рачно направен автомобил, купе двосед, наречен „гордон мари т50“. На крајот од месец февруари претходно спомнатата работилница го претстави истиот автомобил, но го допиша името на трикратниот шампион од формула 1, легендарниот Ники Лауда. Покрај тоа што автомобилот го носи името на легендарниот возач, производителот во својот официјален извештај ги нагласува тркачките особини на возилото. Всушност, „гордон мари т50“ е туристички автомобил за секојдневна употреба, додека неговиот „брат близнак“ „гордон мари т50 ники лауда“ е наменет за тркачките патеки. Тоа е исто како „мекларен ф1“ и мекларен ф1 гтр“, првиот туристички, а вториот тркачки. Патем речено и овој автомобил е дело на Гордон Мари и затоа ја направивме споредбата. Не му е првпат на овој конструктор да прави паралелно два автомобили, патнички и тркачки.
Во своето излагање за новиот автомобил, лично Гордон Мари направи една споредба меѓу двата модели, нагласувајќи ја супериорноста на „т50 ники лауда“ затоа што е ултра лесен, само 857 килограми, со поинаква дотерана аеродинамика и со поинаку изработено подвозје и се разбира поинаку „навиен“ мотор. Неговото објаснување за автомобилот оди во насока која не го дефинира автомобилот како предмет со кој ќе се рушат рекорди на патеките, со кој ќе постигнуваме најбрзи времиња од круг во круг, туку автомобил кој на возачот ќе му понуди најдобри возни својства. Потоа ја наведува филозофијата на автомобилот нагласувајќи ги неговите способности со една споредба – за некој да извлече максимум од возните карактеристики од „т50 ники лауда“ тоа лице задолжително мора да поседува умешност иста како таа што ја имаат возачите од формула 1. Конструкторот само ја опишува суровоста на автомобилот, но од тие 25 примероци колку ќе бидат произведени, можеби некој од тие ќе биде во сопственост на некогашните или сегашните формула 1 возачи и ќе можат „маста да му ја вадат“ на купето. Само 25 примероци по цена од 3,1 милион фунти по примерок. Што ќе се случи ако бројот на заинтересираните купувачи е поголем, нарочно кога се во прашање тимови? Дали производителот ќе одговори позитивно на барањата?
132 кг полесен, но и со 70 КС повеќе, тоа е најгрубата разлика .помеѓу „т 50“ и „т 50 ники лауда“, се разбира во корист на вториот. 737 КС при фантастично високи 12.500 врт/мин. Тие се извлечени од V12 атмосферски мотор од марката Косворт, тоа значи без турбо компресор. За нештата да бидат појасни не може моторот да биде атмосферски турбо, како што некои мислат и пишуваат, или е атмосферски или е турбо (атмосферски – воздухот влегува во цилиндрите по природен пат без дополнително втиснување (компримирање). Турбо – кога воздухот влегува во цилиндрите под притисок со помош на турбина,(турбо компресор).
Добро познатиот фен поставен на задниот дел од купето потекнува од формула 1, од времето кога Г. Мари беше дел од најбрзиот циркус во тимот на Бребем. Болидот „бребем бт 46 б“ предизвика чудење кај останатите тимови кога се појави на патеката со фенот сместен одзади. Со овој болид Ники Лауда победи на шведското гран при во 1978 година, но потоа „фенот“ беше забранет за употреба. Тој уред го всмукуваше воздухот под болидот, предизвикувајќи подпритисок. Со тој подпритосок се создава вакум простор помеѓу дното од болидот и подлогата (асфалтот), така што болидот е речиси „залепен“ за асфалтот. Фенот и во „т50 ники лауда“ ја има истата улога – извлекување на воздухот под автомобилот и предизвикување вакум, а како резултат се добива поголема стабилност на возилото.
Гордон Мари Аутомотив си го исполни ветувањето дадено минатата година во август. Одговорните изјавија дека ќе бидат направени 100 примероци од „т 50“ и уште 25 наменети за тркачките патеки. Еве ги тие 25 наменети за тркачките патеки со името на легендарниот Ники Лауда, единствениот компјутерски прецизен возач на болидите од формула 1. Првиот примерок од моделот „т 50 ники лауда“ ќе излезе од работилницата наредната година и ќе се продава за цена од 3,1 милион фунти, плус царина, данок, данок на луксуз итн.