Дали кинескиот производител на автомобили Гили го подготвувал новиот „сув“ за Женева, или, пак, за овогодишното издание на Салонот за автомобили во Шангај? Што и да прави, тоа е негова работа, за нас е важно што производителот наскоро ќе претстави сосема ново возило направено на основа од платформата „кма“ (компакт модулар архитекчр) на која веќе се направени „полстер 2“, „волво икс ц 40“ и „линк и ко 03“. Да потсетиме, сите спомнати марки се во сопственост на Гили, а покрај спомнативе, компанијата е сопственик и на Лотус.
Според првите фотографии од новото сув возило, се насетува неговата издолжена платформа. Сепак, ништо не е сигурно, сè додека производителот не се изјасни официјално. Кусите извештаи не кажуваат ништо, неколкуте фотографии беа пропратени со текст во кој речиси ништо не е кажано. Тоа значи, производителот чека некоја голема саемска манифестација за првично прикажување на возилото пред светот заедно со комплетен извештај.
Бидејќи дели иста платформа со претходно наведените модели, извесно е да ги користи и истите погонски единици, ото, дисел, хибриден погон или целосно електричен. Сите изведби се вклучени во игра, така што ако нешто напишеме, сето тоа би биле само шпекулации и ништо повеќе од тоа.
На пример, можно е возилото кое се крие зад кодираното име „к икс 11“ да биде пуштено во продажба во третиот квартал и тоа со следниве агрегати: четирицилиндричен 2,0 литарски турбодизел со 238 КС, хибриден погон составен од трицилиндричен 1,5 литарски турбо и електромотор со вкупна силина од 258,4 КС. Треба да се стрпиме во наредниве неколку месеци за да видиме што ќе обелодени Гили и што нуди возилото кое засега е познато под кодот „к икс 11“.
Жарко Атанасоски