Кога зборуваме за камионети (пикап возила, напред патнички оддел, а назад класичен камионски отворен товарен простор, но со смалени димензии), веднаш ни асоцира на Форд кој произведува вакви возила речиси еден век, и долго е на врвот во овој сегмент. Обновениот и надалеку познат пикап „форд ренџер“ е препознатлив по својата посебна големина, а уште попознат по маската и четирите букви кои секогаш гордо ги носи. Отсега натаму шасијата е дополнително продолжена и проширена, така што и меѓуоскиното растојание е зголемено за 50 мм, а за исто толку е проширен и трагот на тркалата. Тоа јасно укажува на зголемување на димензиите.
При конструирањето, односно пред да отпочнат со создавањето на новиот „ренџер“, Форд ги прашувал претходните сопственици и заинтересираните за овој тип возила што треба новото возило да има, а што да биде отстрането, какво треба да биде возилото. Најточно кажано Форд ова возило го правел по желба на купувачите затоа што сака да биде што поблиску до народот. Не заборавајте дека Форд е првата компанија во светот која вовела осум часовно работно време, прва компанија која водела грижа за децата од претшколска возраст – отворил градинка во кругот на фабриката. Да не ги набројуваме останатите нешта кои биле во служба на работниците. Таа пракса да биде блиску до и заедно со народот Форд не ја напуштил туку напротив ја продолжува со обновениот „ренџер“.
Љубителите на дизел агрегатите не треба да бидат загрижени за нивниот опстанок. Форд за нив подготвил три мотори, едниот со застрашувачка зафатнина од три литри и со шест цилиндри во V, а останатите два имаат четири цилиндри во линија со зафатнина од два литри, едниот со една турбина, а другиот со двојна. Тоа се дизел агрегатите, а бензинските не се толку популарни. Силината од моторите ќе се пренесува само на предната или на двете оски, во зависност од изведбата, преку обичен или автоматски менувач.
Сиот проект е започнат во Австралија. Таму возилото е развивано и таму ќе отпочне производството наменето за целиот свет. И како што секогаш бива со сите возила од оваа марка, „форд ренџер“ подоцна ќе се произведува и во други фабрики ширум светот.
Конструкторите велат дека оваа генерација на „форд ренџер“ е најсестрана, најпаметна и најмоќна од сите досегашни генерации. Тоа со „најпаметна“ доволно кажува за големата присутност на електрониката. Продажбата ќе биде отворена во втората половина од наредната година, а цената ја знае само увозникот.