Форд позајмил платформа за да конструира кросовер на електричен погон. Тоа јасно кажува колку, како и зошто е комплицирано преминувањето од ото и дизел погон на електричен погон. Многу производители започнаа да си помогнат едни со други кога тргнаа да прават основи (шасии) за електромобилите. Хонда склучи „сојуз“ со ЏМ, но и со Сони, а да не збориме за конгломератот Стелантис во кој членуваат Пежо, Цитроен, Фиат, Ланча, Алфа Ромео и Опел, а сите тие ќе користат едни исти плаформи најмногу за електромобилите. Иста или слична е состојбата во алијансата Рено, Нисан, Митсубиши.
Соработката меѓу Форд и Фолксваген е врзана уште пред една деценија или повеќе. Пикапот „амарок“ е правен на основа од „форд ренџер“ / „форд еверест“ и сега како контра услуга Фолксваген ја позајмува основата „меб“ на која Форд конструираше кросовер, а го нарече „експлорер“ и истиот има малку заедничко со американскиот „експлорер“, затоа што овој е посебно наменет за континентов.
„Форд експлорер“ има пет седишта во два реда и товарен простор за торбите од сите пет патници. Погонската единица е електрична но Форд сѐ уште не ја објавува силината на електромоторот, а не кажува ништо и за батеријата. Истата платформа ја дели и „фолксваген ид 4“, а тој во себе има 62 или 82 kWh батерија. Ако батеријата се полни на брз полнач тогаш времетраењето на полнење од 10 до 80 отсто изнесува само 25 минути.
Ова е првиот, а на истата платформа Форд ќе конструира уште еден кросовер, но овој пат вели ќе биде спортски со купе линија. Новиот кросовер „експлорер“ ќе биде ценовно поставен под бројката 45.000 изразена во евра.
Жарко Атанасоски