Фискер, во последно време, е во голем залет со неговите планови. Окуражен од големата навала за неговиот модел „оушн“, над 60.000 нарачки, производителот веќе го најавува доаѓањето на новиот градски „сув“ со кој ќе го исполни ветувањето за рационален семеен електричен автомобил и згора на тоа лесно да се снаоѓа во сообраќајните гужви, а цената да биде под 29.900 долари.
Засега возилото е познато под името „проект пеар“ („пеар“ е кратенка од „персонал електрик аутомотив револушн“). Познатиот дизајнер Хенрик Фискер сака да предизвика револуција во автомобилскиот свет, но да видиме колку и како ќе успее со неговата замисла проектот „пеар“ да го издигне над сите други од класата.
Возилото „Фискер проект пеар“ е со „сув“ облик, долго 4,5 м. нуди солидна удобност за петмина возрасни патници со што го оправдува ветувањето дека е наменето како за младата популација возачи така и за семејствата. Еден мотор и погон на задната оска или два електромотори и погон на сите тркала, тоа се двете изданија на погоните на новиот мал сув. Ќе се нудат неколку типови батерии, од кои со најјакото возило ќе може да измине 500 км. Првичното претставување е најавано за 2023, а почетокот на продажбата во првата половина од 2024 година.
Жарко Атанасоски