Еден од најпознатите производители на автомобили нуди несекојдневна можност за потенцијалните купувачи и сите останати љубители на автомобилите. Неодамна на својата интернет страница Фиат објави неколку фотографии од возило, градско во современ облик (сув), но без име. Ги повикува сите заинтересирани да одберат едно од трите имиња, „пулс“, „домо“ и „туо“, а потоа да гласаат. Секој што сака да учествува во именувањето на автомобилот кој допрва треба да излезе од производство, тоа може да го стори веднаш.
Малото градско „сув“ возило или како што го нарекуваат „кросовер“, е направено на новата фиатова платформа „мла“ која според производителот обезбедува удобност, ергономија, врвни возни својства и над сè врвна безбедност. Најверојатно возилото ќе биде задвижувано од 1,0 литарски бензински турбо мотор, но и од два други, исто така, бензински со зафатнина од 1,3 литри, едниот атмосферски, а другиот со турбо компресор. Некои велат дизајнот не е којзнае што, но рака на срце се разликува од останатите, можеби не драстично како што се очекува од земјата на дизајнот, но секако е посебен на свој начин. Засега е познато местото на неговото прво појавување, производството и продажбата, а тоа е Бразил. Како ќе се одвиваат понатамошните работи околу производството и продажбата, Фиат заедно со Стелантис треба дополнително да се изјаснат (Фиат е во состав на групацијата наречена Стелантис, основана од него и од корпорацијата ПСА).
Жарко Атанасоски