Fiat 500X Urban 1.6 Mjet 120HP-„Петстотка“ во семејно пакување

26/03/2021

ВО СВЕТОТ НА АВТОМОБИЛСКИОТ ДИЗАЈН РЕТКИ СЕ МОДЕЛИТЕ ШТО ОСТАВИЛЕ ТАКОВ ПЕЧАТ КАКО МАЛИОТ FIAT 500. ИМЕНО, НИЗ ГОДИНИТЕ, ТОЈ СОЗДАДЕ ВИСТИНСКИ КУЛТ НА СЛЕДБЕНИЦИ И ОГРОМНА БАЗА НА ВЕРНИ ФАНОВИ. ЗНАЕЈЌИ ЗА ПОТЕНЦИЈАЛОТ ШТО ГО ПОСЕДУВА, КОМПАНИЈАТА ЛАНСИРА ЦЕЛА ГАМА НА МОДЕЛИ ШТО ГО НОСАТ ЛЕГЕНДАРНИОТ ТРОЦИФРЕН БРОЈ, А КАКО ШТО НАЛАГА СИТУАЦИЈАТА МОДЕРНО ИНТЕРПРЕТИРАНИОТ ИЗГЛЕД ЈА ЦРПИ ИНСПИРАЦИЈАТА ОД РЕТРО СТИЛОТ.

Знаејќи дека обичниот модел 500 не може целосно да му ги исполни секојдневните потреби на просечното семејство, компанијата Fiat понуди алтернатива во облик на изведбата 500Х, чии пропорции и изглед го сместуваат директно во ултра популарниот сегмент на урбани кросовер автомобили.

ЕМОЦИИ ШТО ТРААТ

Дизајнерите што доаѓаат од Апенинскиот Полуостров отсекогаш важеле за врвни мајстори кога станува збор за обликувањето на автомобили. Нивната умешност е евидентна штом ќе се погледне 500Х, уникатната способност да се соединат потребните состојки за создавање модерен кросовер проткаени со низа ретро детали прават одличен сплет што незадржливо го поврзува со култниот модел 500. На неколкудневно дружење ни беше отстапен моделот што во 2019 година доживеа благо дотерување на надворешноста, подобрување на внатрешноста, дополнување на моторната понуда и подигнување на пасивната и на активната безбедност на повисоко ниво. Всушност, промените на екстериерот се сведени на минимум и се однесуваат на дотераниот облик на предниот и на задниот браник, дневните LED-фарови и мигачи, како и начинот на кој се изведени задниот пар светлосни групи. Со овие мали доработки компанијата му додаде свежина на изгледот не менувајќи го драстично тоа по што е препознатлив 500Х. Тоа доаѓа како дополнително признание за дизајнерите, што наедно значи дека нивната работа била успешно завршена уште кога овој модел дебитираше пред шест години.

СОФИСТИЦИРАН РЕТРО СТИЛ

Eнтериерот кај 500Х, исто така, доаѓа со измени што го прават пософистициран од претходно и му дозволуваат да се натпреварува со поновите конкуренти во класата. Пред возачот е сместен нов кластер на инструменти и управувач со нов дизајн што се чувствува многу удобно во рака. Технолошките моменти им припаѓаат на новите системи за помош на возачот при управување во секојдневниот сообраќај, како и најновиот седуминчен систем Uconnect чувствителен на допир, кој вклучува стандардно поврзување на паметни телефони од универзумот на Android или од екосистемот на iOS. Подобрувања на квалитетот се забележливи кај употребените материјали што се своевиден микс на мека компонента и цврсти пластични оплати. За внесување на дополнителен блесок на боја во ентериерот, предниот панел што се протега по хоризонтала пред возачот и совозачот е обоен во боја на каросеријата, што нас особено ни се допадна. Кабината нуди доволно простор за четиричлено семејство, што значи дека освен комфор на предните седишта има повеќе од доволно простор и на задната клупа каде што комотно може да се сместат две лица. Габаритот на багажникот е на долната граница од класата и изнесува 350 литри и се проширува на 1.000 литри ако се преклопат задните седишта.

ЕКОНОМИЧЕН И ЕЛАСТИЧЕН

Тестираниот модел го движеше 1.6-литарски турбодизел агрегат со 120 КС што силата ја праќа на предните тркала. Секогаш подготвен да реагира на педалот за гас овој агрегат повлекува силно веќе од 1.750 врт/мин, од каде што се достапни и сите 320 Нм. Благодарејќи на прецизниот 6-брзински мануелен менувач совршено се комбинирани малата потрошувачка и удобноста што доаѓа до израз преку еластичноста на моторот. Максималната брзина на 500Х со оваа моторизација изнесува 186 километри на час, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае пристојни 10.7 секунди. За време на тестот, просечната потрошувачка изнесуваше прифатливи 6 литри на 100 км. Една од посебните карактеристики на 500X е што поседува независна суспензија напред и назад, а со 16-инчните леснометални тркала и пневматици со димензии 215/60 (стандард во пакетот Urban) се задолжени за квалитетот на возењето што може да се карактеризира како балансирано, но во најголем дел ориентирано кон удобната страна. Иако во ниеден елемент не е најдобар во класата, 500Х е подеднакво добар како и неговите конкуренти. Знаејќи дека купувачите најпозитивно и најемотивно реагираат на дизајнот, италијанската марка умешно го користи својот стил како предност во однос на другите.

МОТОР: ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН
ТУРБОДИЗЕЛ
ЗАФАТНИНА: 1.598 СМ3
МОЌНОСТ: 120 КС
при 3.750 врт/мин.
МЕНУВАЧ: 6-СТЕПЕН МАНУЕЛЕН
ПОГОН: НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: НАПРЕД: MCPHERSON
НАЗАД: НЕЗАВИСНА ОСКА
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: ДИСКОВИ
ГУМИ: НАПРЕД 215/60 R16,
ОДЗАДИ 215/60 R16
МАСА НА ВОЗИЛОТО: 1.320 КГ
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: 4.264 X 1.796 X 1.603 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
10,7 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
5.9 Л/100 КМ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
186 КМ/Ч
ЦЕНА НА ТЕСТ
МОДЕЛОТ:
19.550 €

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.