НОВИОТ МОДЕЛ „ФЕРАРИ СФ 90 СТРАДАЛЕ“ МАЛКУ ИЗЛЕГУВА ОД ВООБИЧАЕНИОТ И ТРАДИЦИОНАЛЕН ОБЛИК, НО СЕПАК ТУКА Е НЕКАДЕ ВО РАМКИТЕ НА ДОЗВОЛЕНОТО ИАКО СОВРЕМЕНИТЕ ДИЗАЈНЕРСКИ ТЕКОВИ СЕ ВИДЛИВИ. СЕ ПОСТАВУВА ПРАШАЊЕТО КОЛКУ ТРАДИЦИЈАТА ЌЕ УСПЕЕ ДА СЕ СПРАВИ СО МОДРНОТО И КОЛКУ ФЕРАРИ ЌЕ СИ ОСТАНЕ ВЕРЕН НА СВОЕТО.
Mинаа шест години откако Ферари го претстави совјот прв модел со хибриден погон „ла ферари“. Хибриден, но не како класичните, таквите погони во автомобилската индустрија ги нарекуваат „благо хибридни“ (милд хибрид). Новиов „сф 90 страдале“ е вистински хибриден во кој коњските сили, вкупно 1.000, се поделени на следниов начин, 780 одат во корист на 4,0 литарскиот V8 мотор при 8000 вртежи во минута, а останатите 220 им припаѓаат на трите електромотори, два поставени напред и еден назад. Со таа силина конструкторите велат дека автомобилот забрзува од 0 до 100 км/ч за 2,5 секунди. Импресивно. Поинаку и не може да биде, не би требало, затоа што Ферари е во прашање, а не некоја марка од тие обичните, ако денес може да постои обична, затоа што со електрифицирање на автомобилите, голем дел од нив постигнуваат фантастични забрзувања.
Линијата е таа традиционалната, со посебно нагласување на предните светла кои прилично попримиле од денешнава мода, но севкупно предниот дел е ферариевски со доза ретро дизајн кој потсетува на облиците од времето на моделите „308“ и „328“. Ако предниот дел и севкупната линија држат до традицијата, задната светлосна групација добила сосема друга димензија – правоаголна форма, толку нетипична за Ферари. Нешто слично беше направено со моделот „348“, за потоа во следниот да не ја направат истата „грешка“. Како што нештата биваат во Ферари, задните светла имале форма на круг. Сопственик на дизајнот е Ферари, неговото дизајнерско студио, значи сопствено производство зад кој стои името на Флавио Манцони.
Доколку супер автомобилот се движи само со помош на електромоторите нема далеку да стаса, односно ќе измине точно 26 километри. Тој режим на возење се нарекува „идрајв“, а има уште три. Со бирање на „хибрид“ возилото се движи со помош на двата погони, обичниот и трите електро-мотори. Со „перформанс“ обичниот мотор ги полни батериите и воедно автомобилот е подготвен да одговори ако од него се бараат оптимални забрзувања и способности, додека во „квалифаи“ автомобилот ја покажува сета своја силина.
Преносот е на задната оска преку осумстепена автоматизирана менувачка кутија со двојна спојка, позајмена од болидите во формула 1. Таа кутија е полесна за 10 кг од постоечката со седум брзини и менувањето на степените се одвива со молскавична врзина, само 200 милисекунди и веќе моторот е во степен погоре, односно за 30 отсто побрзо од таа со седум брзини.
Електричниот систем на новиот Ферари тежи 270 килограми и сега заедно со остатокот од автомобилот килограмите се искачуваат до бројката од 1.570 или 1,52 КС на еден килограм (сува тежина). Затоа од 0 до 200 км/ч потребни му се 6,7 секунди и притоа да остигне крајна брзина од 340 км/ч. Спортските автомобили вообичаено се многу ниски и широки. „Ферари сп 90 страдале“ е висок 1.186 милиметри додека должината е 4.710 мм, додека ширината е речиси два метри, 1986 мм.
„Ферари“ засега нема објавено колку ќе чини „страдале“, ниту во колку примероци ќе биде произведен, а првата светска саемска премиера се очекува да биде на есен во Франкфурт.