Деновиве сме сведоци на првите фотографии од посебното издание од моделот „812 суперфаст“ кој е во сопственост на Ферари. Иако првите фотографии се официјално стасани, сепак првичното претставување пред светската јавност ќе се одржи на 5 мај преку дигиталната технологија, телевизијата и интернетот.
Со оваа изведба Ферари сака да спои неколку нешта во едно, а тоа се: 70 годинишно искуство стекнато на тркачките патеки и внесено во туристичките автомобили и брзинските способности кои се, исто така, дело на тркачките писти. Сето ова складно да се вткае во препознатливиот облик на автомобилите Ферари и нивната функција која има една и единствена цел, уживање во големите брзини и слушање музика од 12 цилиндри во V распоред со 48 виолини наречени вентили.
Работилницата од Маранело отсекогаш правела посебни автомобили, но овој е најпосебен од посебните, а еве зошто е тоа така. Од неговиот мотор се „извадени“ фантастични 830 КС при високи 9500 врт/мин. Нов издув, плус нов механизам за отворање и затворање на вентилите, а да не зборуваме за легурите од кои е изработен моторот и останатите делови околу моторот.
Направени се неколку измени во дизајнот со цел да се добијат поповолни површини кои ќе допринесат и за подобро лежење на асфалтот, односно за добивање подобар притисок на горната страна од возилото и подпритисок под возилото. Таа силина од 830 КС мора некако да се канализира и до крајни граници да се искористи. Сето тоа е можно со допеглување на аеродинамиката. И како за краен впечаток на сето ова производителот дополнително ја вклучува дигиталната технологија со најновата седма генерација од системот за контрола на страничното пролизгување.
Овој тип автомобили мора да се изработени од лесни материјали бидејќи тежината на спортското купе отсекогаш била пресудна за постигнување врвни брзински резултати. Што всушност направил Ферари ќе дознаеме на 5 мај кога ќе бидат обелоденети сите детали за оваа посебна изведба од моделот „812 суперфаст“ (ферари 812 суперфаст спешл едишн).