Моделот „499 п“ е посебно подготвен за Шампионатот во трките на издржливост и од наредната година ќе го гледаме на тркачките патеки како 24 часа Леман, Себринг, Спа, Дајтона и на неа сличните.
Ферари за последен пат беше учесник во трките на издржливост пред точно 50 год. и по толку долго време повторно се враќа во јатото. Тоа „499 П“ не е случајно напишано покрај името Ферари, туку има свое објаснување, бројот „499“ ја означува зафатнината во кубни сантиметри на еден од шесте цилиндри поставени во V, додека „п“ е ознака за прототип и потекнува од пред половина век кога Ферари жареше и палеше најнапред со моделот „275 п – 5“, а потоа и со останатите болиди кои следеа. Откако ФИА најави нови правила во серијата Леман и воведување нова класа на местото од прототиповите, одговорните во Ферари по неколку одржани состаноци одлучуваат да влезат во натпреварувањето. Ферари излезе пред јавноста на 24 февруари 2021 год. со соопштение дека ќе влезе во трките во класата Леман хиперкар.
Главни во сиот овој „метеж“ се Антонело Колета, Фердинандо Каницо и дизајнерот Флавио Манцони. Тркачкиот автомобил има погон на сите тркала. Задната оска е задвижувана од ото турбо V6 мотор со работна зафатнина од 3,0 л, способен да развие 680 КС, додека за задвижување на предната оска е задолжен електромотор. Според правилата автомобилот може да има најмалку 1.030 кг, но никако помалку.
Болидот „ферари 499 п“ носи белези од минатото, по некоја линија (жолта), но и стартните броеви ги задржал, 50 и посебно 51, еден од најтрофејните стартни броеви, кои толку многу му значат на Ферари. Наредната сезона на трките на издржливост ќе биде една од најинтересните, така велат добрите познавачи, а причина се учесниците: Тојота, Гликенхаус, Пежо, Кадилак, Ферари, Порше, Алпине, а доаѓање во најава има од: Ламборџини, БМВ и Акура.
Првите две сезони од воведувањето на класата „лмх“ (Леман хипер автомобили) како замена за „лмп 1“ (Леман проторип 1„), минаа во знакот на Тојота. Да видиме дали и третата сезона ќе доминира или некој ќе ѝ застане на патот до искачување на тронот.