ПОРАЗЛИЧЕН ОД СÈ ШТО Е ДОСЕГА ВИДЕНО ШАМПИОНАТОТ EXTREME E Е ИНСПИРИРАН ОД НАУЧНАТА ФАНТАСТИКА НА СЕРИЈАЛОТ ВОЈНА НА ЅВЕЗДИТЕ И РЕЛИТО ДАКАР, А СО ЦЕЛ ДА СЕ ПОДИГНЕ ГЛОБАЛНАТА СВЕСТ ЗА ВЛИЈАНИЕТО НА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ
Extreme E е сосема нов концепт на мотоспорт, така наречена Одисеја на електричните автомобили, во случајот електрични тркачки теренци, чија цел е подигнување на свесноста на глобално ниво за влијанието на климатските промени врз планетата Земја, односно откривање и запознавање на најдалечните места на нашата планета кои се најпогодени и трпат големи последици токму од климатските промени и ефектот на стаклена градина. На списокот се места како Гренланд, Саудиска Арабија, Чиле, Сенегал … Секаде каде што има нарушување на екосистемите од влијанието на човекот. Секој настан има и своја одредена цел, а таа е да се запознае светот со проблемите кои на тоа конкретно место ги предизвикуваат климатските промени и загадувањето. Првиот настан годинава сака да предочи за опустошувањето на она малку обработливи површини кои ги има во Саудиска Арабија и за загадувањето на морето од пластика кое влијае врз губењето на биолошкиот диверзитет во Црвеното море.
ОДИСЕЈ ЗА 21 ВЕК
Главен јунак на шампионатот е електричниот теренец Odyssey 21 специјално конструиран за овој вид натпреварување и идентичен за сите тимови. Овој 2,3 m широк тркач изграден околу просторна рамка од цевки од ниобиум челична легура носи два електромотори од по 250 kW што е еквивалент на 550 КС. Тежината од 1.780 kg е условена најмногу од батериите со капацитет од 54 kWh. Odyssey 21 е способен за спринт до темпо 100 за 4,5 sec. и за совладување на стрмнина до 53° или 130% зависно од подлогата. Зелената ќуд на Odyssey 21 ја открива и каросеријата чии панели се изработени од природни влакна од лен. Секој од десетте тима има идентично возило, единствената разлика е во бојата на каросеријата и рекламните налепници. Затоа во Extreme E нагласуваат дека акцентот на шампионатот е ставен врз возачката умешност на екипажите.
ЗЕЛЕН ТРАНСПОРТ
За транспорт на комплетната инфраструктура на шампионатот Extreme E е задолжен поранешниот британски воен брод St. Helena кој е целосно преработен за потребите на Extreme E и користи поморско дизел гориво со низок процент на сулфур кое го нарекуваат Шампањ. Бродот воедно служи и за одржување на семинари, научни трибини, па дури и за спроведување на научни експерименти благодарение на современата лабораторија со која е опремен. Дури има и сопствена градина во која кујнскиот персонал ги одгледува зеленчукот и зачините кои се користат при приготвување на храната.
РАЗЛИЧЕН ОД ДОСЕГА ВИДЕНОТО
Концептот на шампионатот Extreme E е поразличен од сè што е досега видено. Инспириран е од имагинарните трки наречени „Pod Racing” од филмскиот серијал Војна на Ѕвездите на кои љубителите на оваа научнофантастична приказна сигурно со задоволство се сеќаваат, но и од релито Дакар. Всушност претставува еден вид спој на овие две натпреварувања, а целта е да се стави фокус на возачкото умеење и способноста на возачот брзо да се прилагоди на предизвикот од различни замки кои ги крие непредвидливиот терен преку кого се вози. Ставен е акцент и на половата еднаквост, па оттука секој тим е составен од два возачи маж и жена кои се менуваат на возачката позиција после секој одвозен круг, а менувањето на позициите е кусо наречено „Switch” или Замена. Овој нов тркачки формат кој ги исправува натпреварувачите пред вистински предизвик да се борат еден против друг во директен дуел е составен од пет Гранпри настани кои се нарекуваат Х Prix или Икспри. Секое Икспри се вози во викенд и со себе пакува повеќе квалификациски и финални рунди на директни дуели. Секоја рунда е сочината од два круга, а секој круг покрива далечина од околу 14 километри. По секој завршен круг следува Замена на возачката позиција. Така се промовира половата еднаквост, но се добива и изедначеност на силите меѓу натпреварувачите мажи против жени и обратно. Тимовите тајно одлучуваат кој од возачите ќе стартува прв соодветно на стратегијата која зависи од условите на патеката, и спрема нив прилагодениот возачки стил на тимските другари. Останатите дознаваат кој ќе вози прв во моментите кога возилата ќе се наредат на стартната линија. Секој од возачите во својот круг има право на т.н. „Hyperdrive” односно краткотрајно зголемување на моќноста, а со неа и брзината, кое се активира преку притискање на копче на волан. Времето кога ќе се вклучи „Hyperdrive” е клучно и тоа може да одлучува за победа или пораз.
НАТПРЕВАРУВАЧКИ ФОРМАТ И ПОЕНИ
Натпреварувачкиот викенд е исполнет со квалификациски сесии во сабота и трки во недела.
КВАЛИФИКАЦИИ
Сабота утро првата квалификациска сесија е составена од две рунди со по пет автомобили, секоја рунда се вози два круга со замена на возачите после првиот круг. За тоа кои екипажи влегуваат во првата или во втората рунда одлучува извлекување. Сабота попладне втора квалификациска сесија, две рунди со по пет автомобили, се возат два круга со замена. Позициите на екипажите во втората квалификација се одредуваат според прелиминарните времиња од првата квалификација.
После секоја квалификациска рунда се добиваат бодови:
1 место – 5 бода
2 место – 4 бода
3 место – 3 бода
4 место – 2 бода
5 место – 1 бод
Овие бодови не влегуваат во бодовното салдо на шампионатот и служат само за одредување на квалификациската позиција на тимот за во финалето. Збирот на бодовите од двете квалификациски сесии ја одредуваат позицијата на тимот во финалето.
ФИНАЛЕ
Недела утро стартуваат финалните рунди. Финалето е сочинато од вкупно три полуфинални рунди наречени: Полуфинале 1, Полуфинале 2 и Луда Трка. Распределбата кој тим во која рунда ќе вози зависи од освоените бодови и соодветно на тоа освоените позициите во квалификациите.
Правилата велат дека распределбата оди на следниот начин:
1 место – Полуфинале 1
2 место – Полуфинале 2
3 место – Полуфинале 2
4 место – Полуфинале 1
5 место – Полуфинале 1
6 место – Полуфинале 2
7 место – Луда Трка
8 место – Луда Трка
9 место – Луда Трка
10 место – Луда Трка
Полуфинале 1 – Рунда со три автомобили, првите двајца одат во финале
Полуфинале 2 – Рунда со три автомобили, првите двајца одат во финале
Луда Трка 1 – Рунда со четири автомобили, првиот оди во финале
Финале – Рунда со пет автомобили: Првите тројца одат на подиум
БОДУВАЊЕ ЗА ШАМПИОНАТОТ
Бодување за титулата во шампионатот на Extreme E е исто како и во Светскиот шампионат во рели. Но, има мал трик за освојување на 6 место. Било кој од двата тима што завршиле на 3 место во Полуфинале 1 и Полуфинале 2 имаат шанса да го освојат шестото место. Кому ќе му припадне зависи од тоа кој ќе има подобро време во специјалната рунда Continental Traction Challenge или Супер Сектор, која се вози на крај од тркачкиот викенд. А целосниот преглед личи вака:
1 место – 25 бода (Победник во Финале)
2 место – 18 бода (Второ место во Финале)
3 место – 15 бода (Трето место во Финале)
4 место – 12 бода (Четврто место во Финале)
5 место – 10 бода (Петто место во Финале)
6 место – 8 бода (3 место од Полуфинале 1 или Полуфинале 2 и најдобро време на Continental Traction Challenge)
7 место – 6 бода (3 место од Полуфинале 1 или Полуфинале 2)
8 место – 4 бода (2 место во Луда Трка)
9 место – 2 бода (3 место во Луда Трка)
10 место – 1 бода (4 место во Луда Трка)
CONTINENTAL TRACTION CHALLENGE
Специјалниот предизвик на Continental Traction Challenge или Супер Сектор, како што е наречена оваа рунда, се вози на крајот од викендот и во неа учествуваат сите тимови изедначено без оглед на остварувањето од претходните трки. Оној тим што ќе победи во овој предизвик ќе освои 5 бода кои влегуваат во бодовите од шампионатот. Затоа без оглед на исходот од претходните трки петте бода се добар поттик за да се биде најбрз во овој предизвик.
ДЕСЕТ ТИМА ЗА ДЕСЕТКА
Во годинешната сезона учествуваат десет тима секој со по два возачи. Првата трка веќе се одржа низ најдолгата непрекината песочна пустината на светот во Саудиска Арабија во близина на градот Неом. На првото Арабиско Икспри победи тимот на Нико Розберг, Rosberg X Racing, со возачката постава Јохан Кристоферсон и Микаела Алин-Котулински. Тие ги освоија и дополнителните 5 бода од предизвикот на Continental и сега се водечки во шампионатот. Следниот предизвик за кој ќе стане збор во овие редови е Исланд Икспри кое се вози на Сардинија на 07 и 08 мај каде ќе продолжиме со запознавањето на тимовите и специфичностите поврзани со шампионатот на Extreme E. Следењето на трките во живо оди исклучиво преку каналот на Екстреме Е на YouTube.