Европско првенство на ридски патеки-ИЏЕ ЈА ОСИГУРИ И ТРЕТАТА ТИТУЛА

12/10/2023

МАКЕДОНСКИОТ ВОЗАЧ МИНАТАТА СЕЗОНА ИМ СЕ ВРАТИ НА ТРКИТЕ НА РИДСКИ ПАТЕКИ, А ВЕЌЕ ОВАА УСПЕА ПОВТОРНО ДА ГО ОСВОИ ШАМПИОНСКИОТ НАСЛОВ

 

Откако во два наврати ја освои европската шампионската титула на ридски патеки во 2014 и 2015 година, Игор Стефановски – Иџе се префрли во трките на кружни патеки. Додека во Европскиот туринг куп имаше неколку победи и дојде на чекор до титулата во 2017 година, по трансформацијата на натпреварувањето во ТЦР Европа не успеа да се наметне. Сепак, и покрај проблемите со автомобилот се впушти во авантура настапувајќи на трките од ТЦР Италија, каде што повторно им се врати на победите на одделни автодроми. Од 2022 година повторно се определи за трките на ридски патеки и со истото возило со кое ја започна авантурата во 2018 година (Хјундаи и-30 ТЦР) се врати во европското првенство. Поради промена во начинот на категоризација тука се соочи со нови предизвици, па откако првата сезона мина во „барање“ на идеалните можности, реализацијата дојде во 2023 година.

Во календарот беа вброени 10 трки (Франција, Австрија, Шпанија, Португалија, Чешка, Италија, Полска, Швајцарија, Словенија и Хрватска.

Имам 8 рекорди на 10 патеки на кои што возевме оваа година, но само седум победи. Ми „избега“ онаа во Полска, каде што имав едно послабо возење, па и покрај рекордот во првата трка, на крајот бев втор. Тоа ме освести да не се опуштам и до крајот го исполнив зацртаното. Најнеочекувана ми беше победата во Шпанија, бидејќи лани таму се удрив и го оштетив возилото. Дури и кога ми кажаа дека имам три секунди разлика, сфатив дека сум бил „над сопствениот лимит“. Единствена олеснителна околност беше што оваа година немавме трка на дожд, тоа знае да биде премногу опасно,- изјави Стефановски за „АМСМ Клуб Мобилити“.

Некои трки се возат собирајќи ги времињата од две, а некои од три трки, па концентрацијата за време на целиот викенд е повеќе од нужна: се вози на тесни, планински и свиокливи патишта каде што возачот е препуштен сам на себе, а потребно е да има доверба во возилото додека „лета на слепо“ низ серпентините. Овој тип на трки најчесто е споредуван со спринтерските спектакли на 100 метри бидејќи е потребен „максимален притисок од старт до цел“, со тоа што овде тој „спринт“ трае неколку километри. Ридско-брзинските трки се дисциплина со голема традиција и една ваква трка потсетува на една делница од рели натпреварите, кои исто така, имаат различни предизвици во поглед на теренот, потреба на храбри, вешти и концентрирани возачи, што добро упатената публика знае да го цени.

Кога човек гледа отстрана, делува дека освојувањето титули е лесно, но јас точно знам колку беше тешко. Секоја титула на свој начин е посебна и мене ми значи што по 10 години повторно се вратив на ридските трките и успеав да освојам нова титула. Овој успех ми значи многу бидејќи со децениското искуство веќе поинаку ги вреднувам нештата. Во државно првенство е тешко да земеш три титули, а не па на европско првенство,- додава популарниот „Иџе“ кој со армијата навивачи прослави уште во Бузет, Хрватска. Вообичаено, ФИА ги доделува овие признанија на крајот од годината, а македонскиот возач во овој момент не е подготвен да зборува за плановите за иднината, , кои рака на срце во најголема мерка зависат од поддршката што ќе ја има, со цел да подготви возило кое ќе биде конкурентно и за трките во иднина.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.