ESTREMA FULMINEA-ХИПЕРАВТОМОБИЛ НА КОЈ МУ ЗАВИДУВА И КОНКУРЕНЦИЈАТА

10/06/2021

Факт е дека малкумина слушнале за Automobili Estrema, италијански производител на хиперавтомобили, електрични суперавтомобили, со седиште во Модена, со оглед на тоа што е основана лани од претприемачот Gianfranco Pizzuto, поранешен соосновач и финансиер на Fisker Automotive во 2007 година. Минатиот месец го претстави хиперавтомобилот Fulminea, т.е. неговиот прототип, кој беше изложен во туринскиот Museo Nazionale dell’Automobile, и веднаш го привлече вниманието на присутните, вклучително и на стручната јавност, како со изгледот, така и со бројките и спецификациите. Кај него акцентот е врз хибридното пакување на батериите кое, како што велат од Automobili Estrema, се состои од ултракондензатори, како и цврсти ќелии.

Веќе знаеме дека Lamborghini Sian, кој се произведува во лимитирано издание, употребува кондензатори за складирање, но сега за сега нема модели на хиперавтомобили што користат цврсти батерии. Хибридното пакување на батериите ги вклучува литиум-јонските цврсти ќелии, а ќе се прави во соработка со IMECAR од Турција. Заради совршена дистрибуција на тежината, двата типа батерии ќе се распределат на две различни локации. Ултракондензаторите, сместени во лесни карбонски куќишта, ќе се монтираат зад предната оска, додека цврстите батерии ќе се монтираат зад кокпитот.

Од Automobili Estrema, исто така, велат дека пакувањето на батериите ќе тежи само 330 kg, со неверојатна густина од 500 Wh/kg. Комбинираниот капацитет на хибридното пакување на батериите ќе биде 100 kWh, кои ќе можат да се наполнат од 10 до 80% за помалку од 15 минути со брз полнач. Оттаму велат и дека хиперавтомобилот ќе тежи 1.500 kg што значи дека ќе биде ултралесен во споредба со другите модели на електрични возила.

Fulminea ќе има четири електрични мотори, поставени на четирите тркала, кои, комбинирано, ќе произведуваат 2.040 коњски сили. Од Automobili Estrema, исто така, велат дека хиперавтомобилот ќе може да забрза од 0 до 100 километри на час за 2 секунди, до 320 километри на час за 10 секунди, а неговата максимална брзина е 350 километри на час.

„Инспирацијата за овој модел не е само природата, туку и симболот што го усвоивме – молњата. ‘Fulminea’ во превод значи молскавично брз, а молњата, исто така, е симбол и на електрицитетот, брзината и на чистата енергија“, вели Roberto Olivo, COO (главен оперативен директор) на Automobili Estrema, додавајќи дека планираат да произведат 61 примерок, со цена од 2 милиони долари по парче, а првите примероци ќе се достават до втората половина на 2023 година. Предобро за да биде вистинито, зар не? Останува да видиме.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.