ТРОТИНЕТИТЕ СО ЕЛЕКТРИЧЕН ПОГОН ДЕНЕС СЕ ПОВЕЌЕ ОД ПОПУЛАРНИ, ШТО ОД ПРАКТИЧНА
ГЛЕДНА ТОЧКА, ШТО ОД МОДА. ТИЕ ШТО СЕ НАПРАВЕНИ ОД КОМПОЗИТНИ МАТЕРИЈАЛИ И АВИОНСКИ АЛУМИНИУМ ЗАЕДНО СО ВГРАДЕНАТА ЕЛЕКТРОНИКА, ЧИНАТ МАЛО БОГАТСТВО.
Тротинетот во минатото не беше многу почитувана направа кај децата, а не, пак, кај возрасните. Тој крајно едноставно направен производ не предизвикуваше некоја еуфорија да се поседува за играње или за превоз. Повеќе окото се вртеше кон велосипедот и речиси секогаш тротинетот беше потиснуван во втор план.
Денес сè повеќе и повеќе се актуелизираат електричните направи за превоз, поради големиот притисок од јавноста за почиста животна средина. Електричните превозни средства уште пред повеќе од еден век биле потиснати од овие кои чаделе.
Во два наврати пишувавме за електро-мобилите и за нивниот брз развој на северноамериканското копно. Токму на тој пазар цветала ерата на електро-мобилите, за потоа да биде сосечена од корен. Ќе напомнеме еден пример. Научникот Т. А. Едисон со електричен автомобил изминал 1.600 километри со едно полнење на батериите, движејќи се со брзина од околу 25 км на час.
Требаше да помине еден век за свеста на народот, кој за себеси мисли дека е авангарда, да се „вклучи“ и повторно да ги врати електричните превозни средства. Сето ова повеќе е мода отколку свест, но многумина љубат појавава да ја нарекуваат чекор за почиста иднина, некаква си квази авангарда. Тротинетите не беа омилени само затоа што се премногу обични, премногу едноставни, а таквите нешта не го „лажат“ човечкото око да се заврти по нив. Затоа велосипедот е сè уште пред тротинетот, но и со право. За велосипедот не ви требаа полнење на батеријата, побрз е, попрактичен во однос на носивоста, со него може да се совладуваат и пет, десет и повеќе пати поголеми растојанија отколку со тротинетот. Затоа велосипедот е најпопуларното превозно средство.
Сепак, сега електротротинетите полека го земаат приматот. Практични се затоа што сега се направени од лесни материјали, дури и од авионски алуминуим, некои од нив се склопуваат и можете да ги понесете со вас на работното место. Велосипедите се малку повеќе комплицирани и гломазни да се внесуваат каде одите, но тоа не е случајот и со тротинетите. Дури и во ресторан или градски превоз можете да го внесете.
Се произведуваат од лесни материјали најчесто композити, кевлари, а не е заобиколен ни магнезиумот, тркала изработени како тие за автомобилите на кои се монтирани висококвалитетни пневматици и лежишта (лагери) од најпознати производители. Ако ви се верува и делот каде треба да згазнете е направен од силикон за стапалото да не се лизга, контактот да биде беспрекорен. Тежината за електротротинетот е пресудна затоа што во себе имаат батерии кои се сè уште тешки и за подобра експлоатација потребно е истиот да биде со помалку килограми. Денес најдобрите тротинети наменети за возрасни имаат тежина од некаде 15 – 16 килограми и носивост дури до 140 кг. Е сега, ваквите ултра тротинети имаат и ултра „лесна“ цена која се движи од најниски 30.000 ден. до 60.000 – 75.000 ден, а тие за совладување на секакви терени чинат и по 100.000 до 150.000 денари. Не се само материјалите кои ја покачуваат цената, туку сегашните тротинети се „украсени“ со најразновидна електроника која покажува сè и сешто, дури го мери и вашиот пулс во моментот, телесната температура и што уште нè. Затоа и цената им е тука некаде околу 60.000 денари.
Кога купувате тротинет треба да посветите внимание на неговата носивост и колку степени нагорнина може да совладува заедно со вас. Тие две нешта мора да ги имате во предвид, а покрај нив и пневматиците пожелно е да се од поквалитетен материјал, а ако не се, тогаш кога ќе стасаат за менување, купете од тие поквалитетните. Исто така, битни се неговите батерии и силината на електромоторот и секако брзината на полнење на батериите.
Преостанува само да видиме до кога ќе трае модата со електротротинетите. Пред две децении градов беше зафатен од треска наречена електроскутери. Толку беа популарни што се приметуваа на секој агол од градов. Но, таа еуфорија, одеднаш, како да спласна и скутерите ги снема.