Кога зборуваме за случувањата во автомобилската индустрија, особено во последниве две децении светот е насочен кон луксузот. Производителите на супер луксузните автомобили сиот свој животен век го минале во кризи пропратени со проблематична, поточно никаква продажба. Но, во последниве 20 години имаат продадено два пати повеќе автомобили отколку во периодот од основањето и сѐ до крајот на минатиот век. Ферари, Масерати, Ламборџини, Ролс Ројс, Бентли, сѐ се тоа марки кои многу пати се нашле пред колапс, но сега од година во година бележат рекордна продажба. Дури и за време на големата криза во автомобилската индустрија тие марки бележеа постојан пораст во продажбата. Истовремено во тие две чудни децении се појавија и други производители (работилници) кои претставуваат автомобили од спомнатата класа. Ги произведуваат во ограничени серии за вртоглаво големи пари.
Деновиве повторно се „јави“ работилницата Драко со најава за претставување ултра брзо возило на електричен погон – „сув“ со 2.028 КС. Едвај се справуваат со 208 КС, а не, пак, со 2.028. Името на ултра „сув“ возилото е „драгон“ – му одговара со количеството на коњските сили и со забрзувањето, од 0 до 100 км/ч за 1,9 секунди и крајна брзина од над 322 км/ч. Најнаред 1,2 милиони вредното купе „гте“, а сега работилницата Драко нуди возило за забава („сув“) со погон на сите тркала, поточно по еден електромотор на секое тркало. Цената сѐ уште не е соопштена, но затоа имаме скриени фотографии од кои може да го насетиме обликот.
Оскудни податоци и неколку официјални фотографии и тоа е сѐ. Одговорните од Драко велат „драгон“ ќе биде претставено кон крајот од годинава, така што и цената ќе биде обелоденета, но најверојатно ќе биде милионска, слично како и за купето „гте“.
Жарко Атанасоски