Многумина не веруваа дека еден ден кинеската автомобилска индустрија ќе биде една од четирите главни во светот. Но очигледно тие „познавачи“ на светската автомобилска индустрија непара ја познавале. Денес нема марка на моторни возила која не е присутна во Кина со своја фабрика. Многу статистички показатели укажуваат на брзиот напредок и развој на автомобилската индустрија во Кина и во многу „дисциплини“ е на прво место.
Пред само неколку денови производителот Донгфенг претстави пикап изведба наречена „вориор м 50“. Возилото има така малку застрашувачки изглед, како да е правено по сите правила и прописи за воени потреби, што не е далеку од вистината. Неговиот претходник служел во војската и полицијата повеќе децении. Добрата страна на сета оваа работа е тоа што тоа исто возило сега се произведува за широка употреба. Од возилото до подлогата има 42 сантиметри што укажува на неговите врвни теренски способности заедно со неговиот проверен погон на сите тркала, неговата шасија изработена да издржи сурова експлоатација, но да не заборавиме на моќниот турбо дизел мотор со зафатнина од 4,0 литри со 194 КС кои се пренесуваат на двете оски преку шестстепен обичен менувач, додека максимален вртежен момент изнесува 600 Нм.
Вакво возило правено по теркот на армиските возила не е евтино. Цената на „донгфенг вориор м 50“ е скоро 100.000 долари по примерок. Не ни е познато дали ова возило ќе успее да дојде и кај нас – досега е така, а за понатаму да видиме што ќе се случи.
Жарко Атанасоски