Не, не е тоа тоа што светот го очекуваше од ново отворената стара компанија Де Лореан. Новиот модел по неколкуте презакажувања конечно е претставен пред светската јавност. Ако концептот „алфа 5“ е замена за легендарниот „дмц – 12“ тогаш некој нешто згрешил. Да, дизајнот повторно е на Џуџаро (Италдизајн), но овој Џуџаро е сосема поинаков од некогашниот. Сега студиото е во рацете на Фолксваген, а Џорџето Џуџаро творецот на „дмц – 12“ заедно со неговиот син има ново дизајнерско студио именувано како „ЏФЏ“ (Џорџето и Фабрицио Џуџаро), така што овој концепт е дело на вработените во Џуџаро, а не на Џорџето Џуџаро. Концептот „алфа 5“ нема никаква дизајнерска допирна точка со претходникот „дмц – 12“, освен отворањето на вратите. Спомнатиот автомобил ќе започне да се произведува во 2024 година и тоа во само 88 примероци.
Целосно електрифицираниот автомобил со 100 kWh батерија ќе измине скоро 500 со едно полнење, а 100 км/ч постигнува за 7,6 сек, додека крајната брзина е ограничена на 240 км/ч. Должина 4.995 мм х ширина 2.044 мм и висина само 1.370 мм, тоа се димензиите на „алфа 5“, концепт кој наскоро ќе добие свои блиски роднини, односно производителот најавува претставување на нови модели.
Моделот за кој зборуваме „де лореан дмц – 12“ постигна светска слава благодарение на филмот „Враќање во иднината“, а компанијата Де Лореан пропадна веднаш по лансирањето на единствениот автомобил (глумецот), така што ниту компанијата, ниту единствениот автомобил постигнаа некаков успех.
Жарко Атанасоски