DACIA DUSTER-ОБНОВЕНА „ПРАШИНА“

01/07/2021

Насоката во која „оди“ Дачија, се чини, е единствената која води до голем успех. Добриот план, уште подобрата организација во работењето и над сè стручноста во работата, сето тоа дава врвни резултати. Затоа возилата од марката Дачија се едни од најбараните на континентов. На 22 јуни Дачија ја претстави обновената изведба од популарниот „сув“ (кросовер) модел „дастер“. Нови 16 и 17 инчни тркала кои при испитувањата во воздушен тунел покажале поповолна аеродинамика од претходните. Тоа допринесува издувните гасови да имаат помалку CO2 на секои 100 изминати километри. Потоа има нов осум инчен екран осетлив на допир, но има и монитор преку кој се следи растојанието на шасијата од подлогата. Неверојатно добра направа преку која го следите искачувањето и спуштањето по нерамен терен, а присутен е и компасот и мерачот на надморската висина, надворешната температура итн. Покрај другото „дастер“ доби и дневни „лед“ светла во облик на „>- -<“ кои се далеку поштедливи од обичните.

Дигитализацијата е збогатена со андроид и епл оперативни програми кои овозможуваат автоматско поврзување со вашиот паметен телефон. Со оваа рестилизација Дачија го продолжува векот на моделот „дастер“ кој требаше да биде пуштен во продажба на почетокот од летото, но поради неповолните движења во светот, продажбата ќе започне во септември. Силината од погонскате единици се пренесува до предните тркала или до сите преку шестстепен обичен менувач. Има и автоматски со шест степени и двојна спојка, но овој менувач ја пренесува силината само до предната оска и тоа во соработка исклучиво со безинскиот мотор со 150 КС. Ако сакате погон на сите тркала тогаш истиот бензински мотор со 150 КС користи обичен менувач со шест брзини. Тој ист менувач е вграден и во изведбата со дизел мотор со 115 КС, исто така, со погон на сите тркала.

Засега нема најава за електрифицирана (хибридна) изведба, но затоа Дачија нуди изведба која како гориво го користи плинот (лпг). Да почекаме до крајот од летото кога обновениот „дастер“ ќе стаса во продажните места и тогаш да видиме по која цена ќе се продава.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.