Полека но сигурно Купра расте и станува сериозна закана за останатите од класата. Оваа марка е една од најмладите во автомобилската индустрија, но и една од ретките која има силен и голем грб. Порано беше само модел од семејството на Сеат и тоа од највисока класа, со сите чинители кои го прават еден автомобил и спортски и луксузен. Името Купра беше резервирано за врвот во класата на Сеатовски начин. И откако челниците решија Купра да се издвои како посебна марка, оттогаш поминаа речиси четири години, поточно Купра почна самостојно да „живее“ од 2018 година.
Месецот февруари беше, но и сè уште е месец на автомобилската индустрија. Наближува манифестацијата во Женева и како по традиција во февруари се најавуваа новите модели и се чекаше само на светската премиера во халите на Палекспо. И годинава традицијата е задржана, но самеската манифестација нема да се одржи и ќе биде откажана по втор пат едно по друго. Причината за откажувањето на сите ви е добро позната и не треба да ја спомнуваме.
Купра подготви сосема нов автомобил наречен „форментор вз 5“. Во него конструкторите сместиле турбо мотор со пет цилиндри во линија чија работна зафатнина изнесува 2,5 литри. Веднаш ви станува јасно за каква „фурија“ од мотор станува збор. Агрегатов ни е познат од „ауди рс 3“, „рс ку 3“ и „тт рс“. Во „купра форментор вз 5“ моторот располага со солидни 390 КС во распон од 5.700 врт/мин. до високи 7.000 врт/мин. Со овој мотор автомобилот забрзува од 0 до 100 км/ч за 4,2 секунди, додека крајната брзина е ограничена на 250 км/ч. И што е најважно, силината се пренесува до двете оски, односно до сите тркала, преку седум степен секвенцијален менувач со двојна спојка (дсг).
Производителот вели, на автомобилот не му се потребни дополнителни делови (издуви) за да создаде здрав спортски звук. Конструкторите се категорични и ветуваат сериски вграден „пристоен“ спортски звук и најавуваат само 7.000 примероци од ова брзо чудо на четири тркала.
И да нагласиме, третиот роденден на марката Купра беше на 22 февруари. Дали „купра форментор вз 5“ е роденденски подарок и нова закана во компактната сув премиум класа?