Неколку автомобили преку „големата вода“ го носат епитетот икона, а еден од нив секако е „корвета“ дело на компанијата Шевролет. Од првата генерација на моделот „корвета“ минаа точно 70 години, односно за првпат спомнатиот автомобил беше претставен во 1953 год. Секоја генерација на производители ја ословуваше со буквата „ц“ („ц1“, „ц2“ „ц3“ „ц4“ „ц5“ „ц6“ „ц7“ и „ц8“). До денешен ден се претставени осум генерации и секоја во себе носи дел од тамошниот начин на живеење и културата. Многу нешта се поврзани со овој модел и затоа е толку многу обожувана. Останатиот дел од светот ја почитува „корветата“, но сепак таа е типична само за тамошната култура, за домашното тло.
Во чест на јубилејот производителот претстави делумно електрифицирана изведба и ја нарече „корвета е реј“. Таа всушност е од осмата генерација, само што сега покрај бензинскиот V8 мотор со зафатнина од 6,2 литри и 495 КС, има и електричен со моќност од 160 КС. Овие две различни погонски единици ја прават изведбата „е реј“ најбрза од сите досегашни „корвети“, поточно автомобилот располага со 655 КС. Електричниот мотор ги задвижува предните тркала (предната оска) додека бензинскиот мотор е задолжен за тркалата од задната оска. Со двете оски управува уред наречен „е авд“ кој го контролира нивното вртење во зависност од начинот на возењето и од површината на подлогата. Таа направа или контролер „е авд“ („електрик ол вил драјв“) оптимално го подесува притисокот (максималниот вртежен момент) на секое тркалото врз асфалтот и со тоа овозможува најдобар контакт, односно најдобра стабилност на автомобилот во секој момент. Таа голема силина мора некако да се припитоми во дадени мигови, затоа сопирачките, односно дисковите се направени од карбонско керамички материјал од марката Брембо. И подвозјето е самоподесувачко и тоа на три нивоа, а сето тоа е под надзор на уредот „магнетик рајд контрол“. Со полна батерија автомобилот може да измине околу 30 километри со максимална брзина од 70 км/ч.
Продажбата треба да започне по неколку месеци. Цената за купето е 104.000 долари, а за кабриолетот 111.500. Како што забележувате, за класика од спортско купе со над 600 КС ќе треба да платите околу 100.000 долари, но затоа на континентов за исто такво класично купе со слична силина ќе треба да платите најмалку 180.000 долари или двојно повеќе.