Еве зошто Цитроен го носи епитетот дизајнерска авангарда. Ова е тоа што добрите познавачи на Цитроен сакаат да го видат, облик кој не е сретнат досега, туку е свој на своето. За да успее во својата намера, Цитроен се послужил со збир од: лимузина, караван и сув. Од сето тоа успеал да направи изведба од „ц петката“ која ја нарекол „ц 5 икс“.
Да се биде посебен во денешно време воопшто не е лесно, затоа што има недостаток од идеи кои се разликуваат од останатите. За чудо, ваквите нешта на Цитроен постојано му се случуваат. Умее да избега во сивата, досадна и без идеи сегашност, но уште повеќе умее да се врати на старите добри патеки и да покаже колку му значи да има посебност во обликот.
Затоа сега Цитроен може да се пофали со „ц 5 икс“, пространа семејна лимузина во духот на караван изведба и со примеси на возило за забава („сув“). Должина 4.805 мм, ширина 1.865 мм и големо меѓуоскино растојание од 2.785 мм кое гарантира многу простор во одделот за патниците и удобност од која конкуренцијата може да научи нешто повеќе како се создава тој дел од возилото. Не е само одделот за патниците голем, туку и одделот за товар. Тој дел од возилото располага со 545 литри простор, а со спуштени задни седишта спомнатиот простор се зголемува до неверојатни 1.640 литри.
Покрај бензинските ќе се вградуваат и плаг ин хибридни погонски едници. Едната од нив има вкупна силина од 225 КС овозможувајќи му на возилото повеќе од солидни брзински особини. И како што сега светот е завртен кон зачувување на животната средина, „цитрон ц 5 икс“ може да измине 42 километри со помош на електричната енергија.
Оваа удобност на четири тркала (читај дневна соба) ќе биде пуштена во продажба во втората половина од годинава.
Жарко Атанасоски