„
Цитроен ц 3 еркрос“ од своето прво појавување во 2017 е произведен во речиси 330.000 примероци и сега доживува редизајн со цел да го одржи поволното продажно темпо. Заинтересираните ќе можат да го купат некаде на средина од летото, најверојатно во јули. Инспирација за обновениот изглед на моделот „ц 3 еркрос“ е црпена од концептот „цекспериенс“. Целосно ново лице за обновениот „цитроен ц 3 еркрос“, но и со поудобна (адвaнсед комфорт ситс) и попросторна внатрешност, повеќе опрема и безбедносни електронски системи (помош при паркирање, набљудување на просторот одзади, контрола на контактот на пневматиците со подлогата, помош при спуштање, активен систем за сопирање итн). Со должина од 4,16 метри најмалиот сув во семејството уште малку и ќе го стаса поголемиот „ц 4 еркрос“. На прв поглед возилото изгледа покрупно од претходникот, како да се од различна класа. Возило за секој момент и за речиси секаква намена, посебно прилагодливо како за урбаните средини, така и за местата каде животот тече смирено, со повеќе време за убавите нешта. Неговата универзална употреба ја потврдува и одделот за товар со неговите минимални 410 литри, но ако задната клупа се помести нанапред, ќе добиете дополнителни 110 литри или вкупно 520. Ако имате некој поголем предмет за пренесување или многу мали нешта, тогаш соборете ја задната клупа и ќе добиете простор чија зафатнина располага со дури 1.289 литри.
Погонските единици се со распон на силина која се „врти“ над 100 КС. 1,2 литарскиот бензински со турбо компресор го сретнуваме со две изведби, со 110 и 130 КС, додека двата дизели се со слична зафатнина, едниот 1,5, а другиот 1,6 литри со 110, односно 120 КС. Силината од моторите се пренесува на предната оска преку шестстепен обичен или автоматски менувач.
Жарко Атанасоски