CITROEN AMI-„АМИ“ ВО НОВО ИЗДАНИЕ

22/05/2021

Беа тоа времиња кога Цитроен во своите редови ги имаше моделите „ами 6 “ и „ами 8“. Денес нештата многу се изменети, но тоа „ами“ повторно се враќа во флотата на препознатливата марка. Враќањето на името и моделот „ами“ не е нешто вообичаено и очекувано.

Кога за првпат прочитавме за враќањето на „ами“, помисливме тоа ќе биде некоја семејна комбилимузина, но Цитроен ја има „жичката“ на изненадување, така што ни овојпат не изостави да го збуни светот барем за еден миг. Новосоздадениот „ами“ е микро автомобил со две седишта, задвижуван од електромотор со 8 КС, а каросеријата и останатие делови се направени од повторно преработен пластичен отпад. Од една страна производителот добива пофалби за неговата грижа за животната средина, а од друга заштедува многу со употребата на спомнатите материјали. За заштедата да биде уште поголема, дизајнерите направиле еден несекојдневен потфат – предниот и задниот дел се правени во еден ист калап, односно предниот и задниот дел се исти. Малото градско возило постигнува крајна брзина од 45 км/ч и со едно полнење на батеријата со капацитет од 5,5 kWh изминува 75 километри. Цената на ова 2,41 метар долго возило изнесува 6.000 евра. Досега пишувавме за патничката изведба, а производителот нуди и товарна. Го извадиле совозачкото седиште и просторот го прилагодиле за првоз на најразновиден матријал. Така господата обликувачи на внатрешноста добиле простор со зафатнина од 400 литри. Вкупното оптеретување не смее да биде поголемо од 140 кг, а највисокиот предмет што може да биде сместен во просторот мора да биде понизок од 120 см. За предмети високи над 120 см ќе си побарате друг вид возило, односно поголемо. Градски електричен двосед со 2,41 м должина и 1,39 м ширина, направен од отпадна пластика и сето тоа за 6.000 евра, цена која не се вклопува во тие димензии од преработена отпадна пластика. Засега има најави за продажба на возилото дури и на американскиот пазар. Останува да почекаме и да видиме каков ќе биде одзивот на потенцијалните купувачи од континентов, но и на тие од другата страна на „големата бара“. Зошто „ами“? Зборот „ами“ преведен на македонски значи пријател – така што пријателчево ќе врши работа не само во градските средини туку и надвор од нив

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.