BUGATTI TOURBILLON-БЕЗ ГРАВИТАЦИЈА ЗА 3,8 МИЛИОНИ ЕВРА

05/07/2024

Човекот по природа е љубопитно суштество и неговото око скоро секогаш се врти кон необичните нешта, а најмногу кон егзотиката. Таа иста егзотика денес ја има и меѓу автомобилите, а една од нив е позната под името Бугати. Откако постои компанијата, а постои од 1909 год. произведени се само неколку стотина примероци. Велат таа бројка не е поголема од 500.

Најновата егзотика на тркала потпишана со името Бугати е „турбилон“. Името е позајмено од часовничарската индустрија, односно „турбилон“ е механизам измислен во 1801 год. со цел да ја подобри прецизноста на часовниците, избегнувајќи ја земјината гравитација. Можеби Бугати го посакува истото или сака да му каже на светот дека неговиот автомобил е исто толку прецизно направен колку што часовниците прецизно го мерат времето со механизмот турбилон и дека врз него не делува земјината гравитација. Сѐ е во игра и секој може слободно како што сака да го протумачи зборот турбилон во комбинација со Бугати.

Што всушност направил Бугати? Замена за моделот „чирон“, автомобил со сосема нова концепција, поинаква од претходните. Еве во што е посебноста на „бугати турбилон“. За првпат компанијата внесува во производство купе со хибриден погон, досегашниот бензински W16 мотор е заменет со наново развиениот V16 мотор со зафатнина од 8,3 л, механика развивана од надалеку познатата работилница Косворт, присутна во трките на кружни патеки, но и во рели натпреварите. Покрај класиката од мотор, „бугати турбилон“ има и три електромотори, два сместени на предната оска и еден на задната. Класиката има 1.000 КС, а заедно со електромоторите, вкупната силина изнесува запрепастувачки 1.800 КС. Кој е тој што умее да држи на узди 1.800 коњи? Сега некој од вас читателите ќе праша за забрзувањето. Од 0 до 400 км/ч за помалку од 25 сек. Крајна брзина – 447 км/ч. Можеби гравитацијата навистина не делува на „бугати турбилон“.

Не е потребно да се наведува дека материјалите се најквалитетни што постојат на планетава. Затоа еден примерок од „бугати турбион“ ќе чини 3,8 милиони евра, кога ќе започне продажбата која е закажана за 2026 год. Цената е за „основниот модел“, а тие што ќе го купат, сигурно имаат некои посебни желби, како на пример некоја посебна боја, посебна кожа, посебни стакла, посебни сопирачки, на пример, како тие од болидите во формула 1 и што уште нѐ. Сето тоа дополнително Бугати ќе го наплати и цената вртоглаво ќе скокне… Ќе бидат произведени само 250 примероци, така вели производителот Бугати Римац, компанија 55% во посед на Римац Груп и 45% во посед на Порше, а Римац Груп е компанија со повеќе сопственици. Најмногу има основачот Мате Римац, 35 отсто, потоа следи Порше со 22 и Хјундаи со 11 отсто, а зад нив има уште десетина други помали сопственици.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.